Одбојкарски шампионат – Прва лига (мажи), 6.коло

 

Дербито е во Скопје, а два натпревара решаваат за влез во главната фаза напролет

 

Во очекување на понеделничкото дерби меѓу Вардар и Универзитет во Тетово, екипите од средишниот дел на табелата во нашата најквалитетна машка одбојкарска лига викендов ќе играат за победи коишто можат да значат пласман во Втората фаза – 1 напролет. Два натпревара имаат карактер на локални пресметки, а во нив Лирија ќе ја пречека Шкендија, додека, пак, УГД Студент ќе сервира против Весна Пробиштип. Со оглед дека досега Вардар и Џио Струмица немаат пораз, а Универзитет во Тетово загуби само еднаш, нивното место меѓу првите шест, а со тоа и учеството во главната натпреварувачка етапа е загарантирано. За преостанатите три билети Лирија има предност во однос на ривалите затоа што трипати победи на претходните четири меча, па со предност ќе влезе во соочувањето со Шкендија,. Поранешниот првак има биланс 2-3, па за помирен декември треба да слави во дуелот со конкурентот од Жеровјане. Доколку Лирија се радува на четвртиот триумф, тогаш речиси ќе биде сигурна во друштвото коешто ќе продолжи да игра во шампионскиот сегмент.

 

Иста тежина има и натпреварот на УГД Студент со Весна Пробиштип. Двата состава досега остварија по една победа, со напомена дека пробиштипјани одиграа меч повеќе. Оттука, кој и да биде со високо кренати раце по нивната среда, ќе има значајна предност во обидот да остане во првата шестка. Таква шанса немаат Борец и Дибра волеј кои исто како и лани, во меѓусебните пресметки ќе ја бараат шансата за прва победа. Двете екипи досега имаат четири порази на четири настапи, со тоа што велешани освоија бод на гостувањето кај Шкендија.

 

Најдобрата содржина од ова коло во Првата лига ќе биде дербито за врвот меѓу Вардар и Универзитет во Тетово, коешто директно ќе биде емитувано на МРТ Собраниски. Скопскиот тим го заврши учеството во Челенџ купот на ЦЕВ, така што сега може целосно да се посвети на домашниот шампионат во којшто забележа максимални пет триумфи пред двете пресметки со единствените конкуренти, најпрво со тетовци, а потоа и со Џио Струмица. Бранителот на ланската двојна круна викендов е слободен откако минатата сабота на Универзитет во Тетово му го нанесе првиот пораз.

 

Прва лига (мажи) – 6.коло

Лирија – Шкендија
УГД Студент – Весна Пробиштип
Борец – Дибра волеј
Вардар – Универзитет во Тетово (понеделник, 19.00, пренос на МРТ Собраниски)

***Во ова коло слободна е екипата на Џио Струмица

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *