По осмото коло во Првата лига (жени), јасно се наѕира изгледот на Втората фаза

 

Скопските екипи ги добија пресметките со струмичките, битолчанки заостануваат два чекора

 

Наковски волеј го задржа водечкото место во нашата најквалитетна женска одбојкарска конкуренција откако ја забележа максималната осма победа сезонава, овој пат во градската пресметка со Македонија Макс на гости со 3:1. Бранителките на двојната круна, одбојкарките на Работнички Скопје, триумфираа над Виктори волеј пред своја публика со 3:0, па успеаја да се вратат на вистинскиот курс по загубениот натпревар од Струмица жени, а со тоа и да ја задржат втората позиција на табелата. Идентичен ефект со нив има и тимот на Вардар жени, којшто во осмото коло од Првата лига ја искористи предноста на својата сала против Струмица жени, а на тој начин стигна до биланс 7-1, исто како Работнички Скопје, но шампионките се втори поради подобар сет-количник. Во завршните три натпревари од есенскиот дел вардарки ќе влезат од третата позиција со една победа предност пред дебитантот Струмица Жени.

 

Иако загуби на гостувањето во Скопје, екипата на Виктори волеј е петтопласирана затоа што во досегашниот тек од првенството освои бод повеќе од Јанта волеј Форца. Поранешниот првак оствари успех во три сета на теренот на Пелистер волеј, така што сега има две победи позитива во однос на битолчанки во трката за пласман во пролетната Втора фаза -1 во којашто најдобрите шест екипи во есенската етапа ќе ја продолжат трката за влез во разигрувањето. Пелистер волеј лани играше во престижното друштво, но ќе има тешка задача да го задржи статусот со оглед дека заостанува за две победи во однос на Јанта волеј Форца и на Виктори волеј на три кола до одморот. Ист биланс како битолчанки има и тимот на УГД Студент жени по успешното гостување во Кичево кај Ускана. Штипјанки се радуваа со 3:2, на противничките им препуштија два сета, со што загубија бод, а со тоа и можноста да бидат седмопласирани. Поради подобар сет-количник, на таа позиција се битолчанки. Деветтата позиција е за одбојкарките на Универзитет во Тетово коишто остварија победа по подолго време, овој пат во градскиот меч со Бами Кор со 3:0. И по осмото коло, Бами Кор остана единствена екипа без триумфи и без освоен сет досега.

 

Прва лига (жени), 8.коло

Македонија Макс – Наковски волеј 1:3 (15:25, 16:25, 25:20, 24:26)
Работнички Скопје – Виктори волеј 3:0 (25:15, 25:14, 25:20)
Вардар жени – Струмица жени 3:1 (25:14, 25:16, 19:25, 25:14)
Пелистер волеј – Јанта волеј Форца 0:3 (26:28, 15:25, 27:29)
Универзитет во Тетово – Бами Кор 3:0 (25:9, 25:9, 25:14)
Ускана – УГД Студент жени 2:3 (25:18, 15:25, 25:22, 18:25, 12:15)

 

8 коло: Вардар жени 2019 – Струмица жени 30.11.2019 г. СРЦ Кале – Скопје. Фото: Тања Ивановска

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *