Вардар – Универзитет во Тетово на МРТ Собраниски од 19 часот

 

Значајни победи на Лирија и на УГД Студент во трката за место во Втората фаза -1

 

Според досегашните резултати и објективниот квалитет на екипите, не би требало да има дилеми дека Универзитет во Тетово ќе биде патник во главниот натпреварувачки сегмент напролет, а виза за Втората фаза -1 сигурно ќе има и за Вардар и за Џио Струмица. Оттука, во трката за преостанатите три позиции учествуваат пет тима, но тоа друштво може да се стесни поради фактот што Лирија создаде значајна предност во однос на ривалите. Составот од Жеровјане во саботата славеше над Шкендија со 3:0, па по некомплетното шесто коло од Првата лига се искачи на третото место на табелата. Лирија има четири триумфи, еден повеќе од Универзитет во Тетово, што значи дека доколку градскиот конкурент претрпе пораз во денешното дерби со Вардар, тогаш одбојкарите на тренерот Акик Ферати ќе останат во водечкото трио.

 

Поразот на Шкендија го искористи УГД Студент кој се радуваше во локалната пресметка со Весна Пробиштип, а со тоа ја запиша втората сезонска победа. Таков ефект има и поранешниот првак Шкендија, но за разлика од штипјани, освои бод помалку. Весна Пробиштип остана на еден триумф досега, но ако се знае дека веќе играше со најдобрите во шампионатот, се уште има шанси да се најде меѓу првите шест на табелата, а со тоа и да се пласира во Втората фаза – 1 напролет.

 

Математички опции се уште има и за ГОК Борец, но без оглед на првата победа во тековното првенство остварена против Дибра волеј со 3:0, сите параметри посочуваат дека велешани ќе играат во сегментот за пласман од седмото до деветтото место во конечното рангирање за сезоната 2019/2020-та. ГОК Борец ја мина Весна Пробиштип поради подобар сет-количник, а Дибра волеј остана последна, но освои три сета што може да се смета за резултатски напредок во однос на ланската сезона кога беше дебитант.

 

Саботните натпревари беа најава за денешното дерби меѓу Вардар и Универзитет во Тетово. Црвено-црните во соочувањето на „Кале” ќе влезат од лидерската позиција со максимални пет победи и без загубен сет досега, а ланскиот финалист во купот, пак, со три триумфи на четири средби. Универзитет го загуби мечот со Џио Струмица, а токму шампионот ќе биде наредна пречка за вардарци, така што битката за врвот по есенскиот дел ќе биде решена во претстојните неколку дена. Дербито ќе биде пренесувано на Собранискиот канал на МРТ.

 

Прва лига (мажи), 6.коло

Вардар – Универзитет во Тетово (денеска, 19.00, пренос на МРТ Собраниски)
Лирија – Шкендија 3:0 (25:21, 25:20, 25:21)
УГД Студент – Весна Пробиштип 3:0 (25:17, 25:23, 25:18)
ГОК Борец – Дибра волеј 3:1 (25:20, 18:25, 25:17, 25:18)

***Слободна беше екипата на Џио Струмица

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *