Шампионките го бранат, а вардарки го напаѓаат првото место по есенскиот дел

 

Одбојкарска сабота со пет натпревари кај дамите

 

Работнички Скопје има за нијанса подобар сет-количник од Вардар жени, па во последното, 11-то коло од есенскиот сегмент во нашата најсилната женска одбојкарска конкуренција ќе влезе како фаворит да заврши на водечката позиција. Бранителите на ланската двојна круна ќе гостуваат кај УГД Студент жени во одбојкарскиот понеделник на МРТ, а со победа со 3:0 ќе влезат од првото место во Втората фаза -1 без оглед на тоа како ќе заврши натпреварот на Бами Кор против Вардар жени. Во него црвено-црните се апсолутни фаворитки затоа што тетовки досега се единствени без освоен сет.

 

Иако ги загуби дерби пресметките со водечките скопски екипи, Наковски волеј се уште е третопласиран и ќе ја задржи позицијата дури и доколку загуби од Пелистер волеј пред своја публика. Екипата на Струмица жени е во налет, но и да слави над Ускана, што е за очекување, а Наковски волеј да претрпи пораз, дебитантот во лигата не може да влезе во најдоброто трио поради тоа што досега освои четири бода помалку од градскиот ривал. Во Втората фаза -1 напролет ќе играат и Јанта волеј Форца и Виктори волеј. Во пресрет на меѓусебниот дуел, скопскиот тим има седум, а струмичкиот шест триумфи, но поради статистичките параметри, за да скокне на петтото место, на Виктори волеј му одговараат само победи со 3:0 и со 3:1.

 

Натпреварот меѓу Универзитет во Тетово и Македонија Макс ќе решава во втората половина од табелата каде што се екипите коишто напролет ќе се натпреваруваат во Втората фаза -2, што значи за пласман од 7-то до 12-то место во конечното рангирање на крајот на сезоната. Покрај Универзитет во Тетово и Македонија Макс, во овој сегмент се и УГД Студент жени, Пелистер волеј, Ускана и Бами Кор.

 

Прва лига (жени), 11.коло

УГД Студент жени – Работнички Скопје (понеделник, 19.00, пренос на МРТ Собраниски)
Бами Кор – Вардар жени (сабота, 16.00)
Струмица жени – Ускана (сабота, 12.30)
Виктори волеј – Јанта волеј Форца (сабота, 16.00)
Наковски волеј – Пелистер волеј (сабота, 18.00)
Универзитет во Тетово – Македонија Макс (сабота, 18.00)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *