ОФМ ќе биде организатор на ЕП 2022 за одбојкарки до 19 години

 

Ново признание за македонската одбојка од ЦЕВ, сега се надеваме на група и од машкото сениорско првенство

 

Македонија ќе биде домаќин на Европското првенство за одбојкарки до 19 години коешто ќе биде одржано во 2022-ра. Одбојкарската федерација (ОФМ) ја доби довербата на ЦЕВ првпат да организира континентално натпреварување во која било конкуренција, а оваа вест од Луксембург ја надополни најуспешната година во историјата на нашата одбојка! Охрабрени со одличниот впечаток од настапот на македонските репрезентативци на Европското првенство во септември, за нас дебитантско, челниците на нашата одбојка доставија апликација за организација на два големи настана, а ЦЕВ веќе ја прифати едната, па собирот на најталентираните одбојкарки ќе биде кај нас. Во периодот од 15-ти август до 15-ти септември во 2022-та, дванаесет репрезентации поделени во две групи ќе се надигруваат за трофеите, а тоа значи шанса за почеток на процесот на формирање женски национален тим и можност масовноста во женската одбојка да ја претвориме во квалитет.

 

Со оглед дека доби поддршка и писмена гаранција од македонската Влада, што беше основен предуслов за да може воопшто да аплицира, ОФМ се надева на позитивна реакција од ЦЕВ и за барањето за организарање група за сенирското машко Европско првенство во 2023-тата. Со оглед на интересот и на неколку други федерации, на нивната моќ и на досегашните организициски резултати, на Европската одбојкарска конфедерација ќе и биде потребно подолго време за да ја донесе одлуката за овој настан. Ако биде во наша полза, тогаш тоа ќе значи наше сигурно учество на еврошампионатот во 2023-тата, а со евентуално успешни квалификации наредното лето и со пласман на континенталниот собир во 2021-та, што е реално, македонската одбојка ќе оствари постојаност од присуство на големата сцена. А тоа ќе биде голем, до неодамна непочувствуван импулс за сите вклучени во неа!

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *