Јосип Христов стана кандидат за меѓународен судија

 

Нов чекор напред за македонската одбојка

 

Нашиот судија Јосип Христов успешно го мина Европскиот интернационален курс за судиски кандидати и со тоа оствари значаен чекор во процесот на стекнување статус меѓународен судија на ЦЕВ. Христов присуствуваше на еднонеделниот курс во Анкара и сега е кандидат за меѓународен судија.

 

“Најпрво полагавме влезен тест за познавање англиски јазик, како и тест за одбојкарските правила. Потоа имаше практично полагање за улогата на прв и на втор судија, на линиски судија на сите четири позиции, како и полагање за записничар на електронски записник. На крајот имаше уште еден завршен тест, па повторно говорно полагање. Јас ги положив сите сегменти”, Христов ги пренесува искуствата од главниот град на Турција.

 

На курсот учествуваа 32-јца судии од 27 европски земји, а предавачи беа Зорица Бјелиќ, која е секретарка на Европската судиска комисија и нејзиниот член Јармо Салонен.

 

“Задоволен сум од постигнатото, но тоа е само еден дел од процесот. Сега потребни ми се потписи на тројца делегати на ЦЕВ во период од четири години, а ако ги заслужам со мое добро судење, тогаш кандидатскиот статус ќе го претворам во статус меѓународен судија на ЦЕВ. Се надевам дека тоа ќе се случи во следните две години”, објаснува Христов кој е на одбојкарските терени во улога на делител на правдата од 2004.

 

Македонската одбојка сега има четворица меѓународни судии, Никола Мицевски, Влатко Ристовски, Орданчо Амбарков и Здравко Здравевски, кој поради возрасната граница, наредната година ќе ја заврши кариерата. Според критериумите на ЦЕВ, коишто се базираат на големината на земјата и на резултатите на клубовите и на репрезентацијата, нашата квота е најмногу петмина меѓународни судии. Се надеваме и му посакуваме на Јосип Христов да ја исполни што поскоро.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *