Проектот на ЦЕВ и на ОФМ ја пренесе одбојкарската порака во Битола

 

По осум масовни тренинзи во Скопје и во неколку други градови, училиштниот проект на ЦЕВ којшто кај нас го реализира Одбојкарската федерација на Македонија, го посети градот Битола и привлече околу 170 деца, сите без исклучок дел од одбојкарскиот клуб Пелистер волеј. Салата на медицинското училиште „Доктор Јован Калаузи“ беше максимално исполнета, а тоа уште еднаш потврди дека одбојката е во фаза на голема експанзија во вториот најголем македонски град.

 

„Атмосферата беше фантастична, децата беа многу возбудени веројатно чувствувајќи дека ова е настан со меѓународен карактер. Нивното задоволство беше огромно, а не можам да опишам каква е детската врева кога има толкав број учесници. Убеден сум дека за овој обојкарски час ќе слушнат и тие што не се вклучени во нашиот спорт и дека одбојката ќе добие уште поголема популарност“, рече Роберт Митковски, кој во соработка со колегите Александар Темелковски, Александар Димовски и Владимир Трифуновски работи со повеќе од 200 деца во клубот. Оттука, не е изненадување што Пелистер волеј четврта сезона по ред се натпреварува во сите женски возрасни категории. Со оглед на масовноста во единствениот одбојкарски клуб во Битола, Одбојкарската федерација на Македонија во минатите две сезони реши тројца од овие четворица тренери да бидат дел и од македонските младински репрезентации коишто беа учесници на регионалните Балкански првенства.

 

Значи, излгеда во Битола ги спои убавото и корисното. Младите одбојкарки на Пелистер волеј го почувствуваа задоволството од учеството во настан што е дел од нешто големо и ги обединува децата насекаде од континентот, а пораката за убавината на одбојкарската игра беше испратена до сите ученици во Битола и во неговата околина. Тоа е добра основа градот под планинскиот врв Пелистер да привлече уште одбојкарски следбеници и да го продолжи патот на создавање квалитетни одбојкарки. Во минатото седум репрезентативки од Битола го носеа дресот на македонската репрезентација, а идните можеби веќе се натпреваруваат во тимовите на Пелистер волеј. Од 2015-та досега тие постојано се учесници најмалку на еден завршен турнир во младинските категории, а на нив освоија шест медали. Тоа е повеќе од доволно за добар почеток.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *