Освојувачот на двојната круна беше дел од училиштниот проект на ЦЕВ и на ОФМ

 

Градот Струмица е престолнина на македонската одбојка според неколку параметри. Екипата на Џио Струмица е актуелен шампион и освојувач на купот во машка конкуренција, а три од четирите женски екипи од овој град ќе играат во втората фаза од лигата. Имајќи предвид дека две третини од националниот состав, којшто остави позитивен впечаток на дебито на европските првенства во Љубљана минатиот септември, e составен од играчи од Струмица, тогаш со право основоположниците на струмичката одбојка се горди на досегашните резултати. Но тие се дел од минатото, а сегашните одбојкарски ентузијасти се обидуваат да го задржат нивото на создавање играчи коишто ќе понудат нов квалитет. Оттука, училиштниот проект на ЦЕВ во соработка со ОФМ, беше само едно парче од мозаикот на клубот Џио Струмица во обидот да привлече ученици коишто ќе почнат редовно да тренираат одбојка.

 

Во спортската сала „Партизан“ дваесетина ученици имаа можност да следат теоретска и практична настава за основите на одбојкарската игра. Некои од нив можеби ќе бидат дел од клубот Џио Струмица во иднина и ќе продожат да чекорат по патот на носителите на македонскиот национален тим Никола Ѓорѓиев, Александар Љафтов, Владо Милев и Ѓорѓи Ѓорѓиев.

 

„На Еуроволеј во 2019 во македонската репрезентација настапија осуммина одбојкари од Струмица. Сите тие беа поврзани со нашиот клуб, а тој факт не прави горди. Но ние паралелно сакаме да работиме на резултатски континуитет. Во оваа сезона имаме силна конкуренција и треба да го издржиме ударот на противниците, но во исто време, да направиме селекција на млади играчи и да ги подготвуваме не само за клупските настапи, туку и за да избегнеме дисконтинуитет во националниот тим. Сметаме дека тоа е наша задача“, вели претседателот нa Џио Струмица, Ѓорѓи Ѓорѓиев Џио.

 

Џио Струмица има седум трофеи во првенството и шест во купот, а тоа е инспиративно наследство за младите одбојкари коишто во блиска иднина ќе го облечат дресот на најуспешната македонска екипа во последната декада. Тоа е доволен мотив за нив, а зрак надеж за одбојкарските ентузијасти во Струмица дека најдобрите резултати допрва следуваат.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *