Со ангажманот на Вук Карановиќ во ЦЕВ, македонската одбојка доби додадена вредност

 

Десет настани организирани во пет градови досега содржеше проектот „Играј одбојка, расти со неа“ којшто го реалзира Одбојкарската федерација на Македонија во соработка со Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), а е финансиран од Европската Унија преку програмата Еразмус +. Носител на активностите на европско ниво беше нашиот поранешен одбојкарски репрезентативец Вук Карановиќ во улога на менаџер за развој во ЦЕВ. На таканаречениот Спортски информативен ден организиран од Европската комисија во Брисел, Карановиќ имаше чест и задоволство да зборува за успешната имплементација на овој училишен проект.

 

„Ова беше неизбежен чекор за ЦЕВ, бидејќи преку разни анкети и истражувања ги сфативме тешкотиите со коишто се соочуваат наставниците и тренерите, како и играчите на почетното ниво на тренинзите. Затоа решивме да создадеме тим од експерти којшто ќе ги комбинира академските и практичните искуства со цел да создадеме еден вид изменета игра, подостапна за децата, а за наставниците полесна за презентација пред учениците“, вели Карановиќ.

 

Покрај ОФМ, во проектот учествуваат уште три национални одбојкарски федерации, а меѓу партнерите се и два универзитета од Германија и од Турција. Карановиќ објаснува дека целта на неговиот сектор за развој во ЦЕВ била во проектот да учествуваат образовни институции коишто имаат долгогодишно искуство во работа со одбојка на почетно ниво. Токму затоа изборот бил Спортскиот универзитет во Келн и Универзитетот Хаџетепе од Анкара.

 

„Овие институции имаат искуство во работа со одбојкарските федерации во нивните земји и со реализација на слични проекти. Националните федерации за одбојка беа очигледен полигон за регрутирање партнери за реалното спроведување на проектот. На крајот, успеавме да создадеме многу интересна мешавина од географска, едукативна, културна и социјална позадина затоа што ни се приклучија Македонија, Естонија, Финска и Словачка“, Карановиќ со задоволство зборуваше во Брисел потенцирајќи дека искуството со одбојкарскиот Еразмус + проект е над сите негови и очекувањата на тимот за развој во ЦЕВ. Одлуката на ЕУ да го поддржи проектот со 360 илјади евра предизвикала позитивна реакција од раководството на ЦЕВ коешто решило да вложи исто толку средства во имплементација. Токму затоа обемот на проектот бил проширен, па тимот за развој во ЦЕВ исконтактирал со многу други Федерации, а не само со четирите вклучени од самиот почеток.

 

„Наставниците по физичко образование како една од целните групи заслужуваат поголемо внимание од креирање едукативни материјали и од обуките што ги нудиме во рамките на проектот. Затоа, Бордот на ЦЕВ одобри дополнително финансирање за поддршка на реализација на Конвенцијата за тренери на којашто учествуваат наставници и тренери вклучени во проектот во рамките на нивните национални одбојкарски федерации. Еднаш годишно ЦЕВ собира околу 120 тренери и наставници по физичко воспитување од тие земји на тридневен настан на којшто можат да учат од некои од најдобрите експерти во светот кога станува збор за одбојка на почетно ниво. Сите трошоци се на сметка на ЦЕВ. Нашето раководство, исто така, реши да обезбеди помош со топки и со мрежи за секое училиште коешто учествува во проектот со што ќе овозможи поголема достапност на одбојката до секое дете“, објасни Карановиќ со голема доза убедување дека ваквите проекти не се полезни само за одбојката или за спортот, туку и за општеството во целина.

 

Одбојкарската федерација на Македонија може да биде задоволна што е активен учесник во училиштниот проект „Играј одбојка, расти со неа“, а сите ние од фактот што во минатите четири години поранешен македонски репрезентативец работи во ЦЕВ на исклучително значајна позиција во секторот за развој. Со успешниот ангажман на Вук Карановиќ во седиштето на европската одбојка во Луксембург, македонската одбојка доби додадена вредност.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *