Противници ќе ни бидат Турција, Данска и Босна и Херцеговина

 

Посакувана квалификациска група за пласман на ЕП 2021

 

Не може да има лесна, но македонските одбојкари добија солидна група во квалификациите за Европското првенство во 2021-вата. Противници ќе ни бидат Турција, Данска и Босна и Херцеговина.

 

Откако го остварија историскиот прв пласман на континенталните собири, а во Љубљана минатиот септември одиграа над очекувањата радувајќи се на две победи против Белорусија и против сребрената Словенија, нова цел на нашите одбојкари е да остварат постојаност во настапите на еврошампионатите. Се чини дека новиот резултатски успех може да биде учеството на Европското првенство во 2021-вата, коешто исто како и последното, ќе биде одржано во четири земји со настап на 24 селекции. Покрај коорганизаторите Полска, Чешка, Естонија и Финска, како и осум национални состави според пласманот од ланскиот одбојкарски самит, на претстојниот шампионат ќе играат уште 12 репрезентации коишто за виза ќе се надмудруваат во квалификациите во август и во септември годинава. Македонскиот тим ќе биде во групата „Це“ со Турција, со Данска и со Босна и Херцеговина. Сите противници ни се добро познати, а од нив само Турците се објективно поквалитетни, така што реално е да се надеваме макар на второто место во групата. Тоа би ни дало шанса за пласман на европрвенството на коешто ќе играат првопласираните седум репрезентации од секоја група и петте најдобри втори. Тоа знали дека системот е ист како и пред две години, кога Македонија успеа да ја мине групата со Украина, со Унгарија и со Швајцарија. За разлика од тогаш, сега треба да оствариме четири победи во пресметките со Данците и со Босна и Херцеговина, а во таков случај, математички би било речиси невозможно да не се најдеме на завршниот турнир. Доколку се остварат желбите, македонските одбојкари ќе го бранат 17-тото место од претходниот континентален собир.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *