Рекордна поддршка за македонската одбојка од Агенцијата за млади и спорт

 

Одбојкарската федерација на Македонија доби ваучер од Агенцијата за млади и спорт со вредност од 18 милиони и 688 илјади денари или 303 870 евра. Тоа е сума којашто се однесува на 2020-тата година, а парите може да се добијат од фирми коишто според законската регулатива, се ослободени од плаќање дел од данокот на добивка доколку финансиските средства за таа намена сакаат да ги вложат во спортските федерации, во клубовите или во индивидуалните спортисти.

 

Со успехот остварен минатата година кога македонските одбојкари на дебитантскиот настап на европските првенства остварија две победи во групата во Љубљана и завршија 17-ти на континенталниот самит, а со подобрениот рејтинг на листата на ЦЕВ се изборија и за прво учество во Златната Европска лига годинава, македонската одбојка заслужи, а АМС тоа го препозна и реши да ја зголеми вредноста на ваучерот за ОФМ, како и за одбојкарските клубови. Освојувачот на двојната круна во машката одбојка, Џио Струмица, ќе добие 65 040 евра, Вардар е втор на листата со 56 910, а трета е Лирија со 48 780 евра. Кај дамите, бранителот на двата пехара Работнички Скопје може да реализира ваучер од 32 520, а Вардар жени 29 270 евра.

 

На листата ваучери на Агенцијата за млади и спорт се вкупно 21 клуб коишто се натпреваруваат во највисокиот одбојкарски натпреварувачки ранг, а вкупниот ваучер за нив и за ОФМ изнесува речиси 50 милиони денари, односно на 809 570 евра, или е повеќе од 150 000 евра зголемување на вредноста на ваучерот за клубовите и за Федерацијата во однос на 2019-тата.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *