Четири натпревари кај дамите, Дибра волеј директно меѓу осумте
Вториот дел од сезоната на одбојкарските терени кај нас ќе почне со натпреварите од претколото за четвртфинале во купот во женска конкуренција. Во оваа фаза ќе играат осумте екипи коишто во есенскиот сегмент во првенството остварија пласман од петтото до 12-тото место. Според правилата, во домашна сала ќе настапат тимовите коишто во лигата остварија подобар пласман, а со оглед дека нема реванши, туку победниците директно ќе одат во четвртфиналето, тоа за нив ќе биде голема предност во обидот да стигнат што подалеку во македонскиот одбојкарски куп.
Јанта волеј Форца е апсолутен фаворит против Бами Кор. Двократните шампионки убедливо славеа на првиот меѓусебен меч сезонава одигран во Тетово во Првата лига, а ако се знае дека Бами Кор на 11 средби досега не освои ниту еден сет, јасно е дека во Кисела вода утре, одбојкарките на Јанта волеј Форца не би требало да имаат проблеми да ја остварат целта.
Иако можеби разликата во резултатите не е толку силно изразена, екипата на Виктори волеј, исто така, ја носи фаворитската ролја пред соочувањето со Ускана. Струмичкиот состав оствари шест победи и беше шести во Првата лига, така што обезбеди влез во Втората фаза -1, а кичевки се радуваа на две пресметки со тетовските екипи, што значи дека имаа подобар ефект само од Бами Кор. Виктори волеј трумфираше против Ускана на гости со 3:1 во меѓусебиот натпревар, па и тоа е силен показател во полза на домашниот состав на утрешната пресметка.
УГД Студент жени ќе го пречека Универзитет во Тетово во нивниот прв дуел сезонава. Во првенството тетовки не допатуваа во Штип, така што пропуштија можност да играат за четвртата лигашка победа во првата полуетапа. Во неа екипата на УГД Студент жени оствари четири успеси и во Втората фаза -2 ќе почне со најдобри бројки, а со оглед на поддршката на публиката, тоа би требало да значи дека е поблиску до четвртфиналето, барем според показателите на хартија, коишто велат дека најинтересно во оваа фаза на купот треба да биде на утрешната пресметка меѓу Пелистер волеј и Македонија Макс. Во Првата лига двата состава забележаа по три победи, а битолчанки беа осми поради бод повеќе од ривалките. Струмичките одбојкарки го загубија директниот лигашки натпревар на свој терен есеноска со 3:1, па ќе имаат мотив за одмазда против тимот којшто лани беше во друштвото на најдобрите шест во лигата, а сезонава не успеа да го повтори тој успех.
Според пласманот од првото до четвртото место во лигата, бранителките на двојната круна, одбојкарките на Работнички Скопје, како и Вардар жени, ланскиот финалист Наковски волеј и Струмица жени обезбедија директно учество во четвртфиналето на купот. Кај мажите, претколо нема да има затоа што екипата на ГОК Борец се откажа од натпреварувањето во купот, па Дибра волеј им се придружи на шесте најдбри во првенството коишто обезбедија директен влез меѓу осумте, а тоа се: Вардар, бранителот на титулата Џио Струмица, Лирија, Универзитет во Тетово, УГД Студент и Весна Пробиштип.
ПРЕТКОЛО ЗА ЧЕТВРТФИНАЛЕ (ЖЕНИ):
Јанта волеј – Бами Кор (утре, 21.00)
Виктори волеј – Ускана (утре, 16.30)
УГД Студент жени – Универзитет во Тетово (утре, 18.00)
Пелистер волеј – Македонија Макс (утре, 19.00)
***Првите четвртфинални натпревари во машка и во женска конкуренција се закажани за 19-ти, а реваншите за 26-ти овој месец