Фаворитите обезбедија четвртфинален настап
Покрај, Јанта волеј Форца, Виктори волеј, УГД Судент жени и Пелистер волеј, во четвртфиналното друштво се и Работнички Скопје, Вардар жени, Наковски волеј и Струмица жени. Ждрепката е утре од 13 часот, првите натпревари се закажани за 19-ти, а реваншите за 26-ти февруари.
Во машка конкуренција немаше претколо затоа што ГОК Борец се откажа, па Дибра волеј ќе биде осмата екипа во четвртфиналето на купот заедно со најдобрите седум од шампионатот досега: Вардар, бранителот на титулата Џио Струмица, Лирија, Универзитет во Тетово, УГД Студент, Весна Пробиштип и Шкендија.
Првите натпревари во календарската година донесоа очекувани резултати во претколото за четвртфинале во купот во женска конкуренција. Екипите коишто во есенскиот дел од сезоната беа подобропласирани во првенството, го искористија домашниот терен и обезбедија место меѓу осумте најдобри. Во тој натпреварувачки сегмент се и бранителките на двојната круна, одбојкарките на Работнички Скопје, како и тимовите на Вардар жени, на Наковски волеј и на Струмица жени, коишто во Првата лига ги зазедоа водечките четири позиции на табелата, а со тоа обезбедија директно четвртфинале во купот.
Јанта волеј Форца ја потврди фаворитската улога против Бами Кор и вторпат сезонава славеше над ривалот со максмални 3:0. Претходно, на гостински терен во шампионатот, а вчера во својата сала во купот. Тетовки останаа без освоен сет сезонава и по овој натпревар. Со ефект 2-0 во меѓусебните дуели е и Виктори волеј против Ускана. Струмичките одбојкарки коишто во лигата обезбедија учество во главната фаза напролет, ги совладаа противничките со 3:1, исто како што беше и на есенскиот лигашки меч во Кичево. УГД Студент жени и Универзитет во Тетово ја одиграа првата средба сезонава, затоа што тетовки не допатуваа во Штип на лигашкиот натпревар. Во пресметката на двата состава коишто пролетва ќе играат во Втората фаза-2, значи во понеквалитетната половина, УГД Студент се радуваше со 3:1 и ја оствари целта. На ист начин, во четири сета, Пелистер волеј славеше над Македонија Макс, што значи дека струмичанки не успеаја да се одмаздат за домашниот пораз со идентичен резултат во лигашката пресметка во првиот дел од сезоната. Македонија Макс почна според желбите, го освои првиот сет, но битолчанки направија пресврт и влегоа во елитниот октет.
ПРЕТКОЛО ЗА ЧЕТВРТФИНАЛЕ (ЖЕНИ):
Јанта волеј* – Бами Кор 3:0 (25:21, 25:14, 25:13)
Виктори волеј* – Ускана 3:1 (25:10, 25:23, 22:25, 25:13)
УГД Студент жени* – Универзитет во Тетово 3:1 (25:22, 20:25, 25:21,
25:18)
Пелистер волеј* – Македонија Макс 3:1 (21:25, 25:13, 25:13, 25:19)
***Првите четвртфинални натпревари во машка и во женска конкуренција се закажани за 19-ти, а реваншите за 26-ти овој месец