Ждрепка за четвртфиналните натпревари во купот во двете конкуренции

 

Без класично дерби кај мажите, а со два интересни дуела кај дамите. Денешната полудиригирана ждрепка за четвртфиналето на одбојкарскиот куп секако не можеше да донесе судири на најголемите фаворити за пехарот, којшто го бранат екипите на Џио Струмица и на Работнички Скопје. Кај мажите, струмичани за противник го добија тимот на Дибра волеј, а во пресметката на состави од главната лигашка фаза, Вардар ќе се сретне со Весна Пробиштип. Шкендија ќе игра со Лирија, додека, пак, УГД Студент ќе сервира против Универзитет во Тетово. Тоа ќе биде соочување на екипи коишто во учествуваат во помалку атрактивниот дел, а тоа е Втората фаза-2.

 

Кај дамите се очекува да биде поинтересно, бидејќи ждрепката одреди две двојки на екипи од Втората фаза-1 во шампионатот, односно аспиранти за пласман во разигрувањето. Шестопласираниот Виктори волеј во првиот меч ќе го пречека второпласираниот состав на Вардар жени, а тимот на Јанта волеј Форца, којшто е петти, на првата четвртфинална средба од купот ќе истрча во своја сала против ланскиот финалист Наковски волеј. Работнички Скопје е фаворит против Пелистер волеј, а Струмица жени против УГД Студент жени.

 

Првите натпревари од купот се закажани за наредната среда (19-ти февруари), а реваншите се седум дена подоцна. Доколку резултатот во победи и сет-количникот биде идентичен, за пласман во полуфиналето ќе решава таканаречен „златен“ сет до 15 освоени поени.

 

Одбојкарски куп (мажи), четвртфинале, први натпревари (19.февруари)

Дибра волеј – Џио Струмица


Весна Пробиштип – Вардар


Шкендија – Лирија


УГД Студент – Универзитет во Тетово

 

Одбојкарки куп (жени), четвртфинале, први натпревари (19.февруари)

Пелистер волеј – Работнички Скопје


УГД Студент жени – Струмица жени


Виктори волеј – Вардар жени


Јанта волеј Форца – Наковски волеј

***Реванш натпреварите се закажани за 26-ти овој месец

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *