Почнува вистинската битка за пласман во разигрувањето

 

Првото коло од Втората фаза во машкиот шампинат ќе содржи три натпревари

 

Со оглед дека ОФМ изрече суспензија за сениорскaтa екипa на ОК Вардар (мажи) поради неподмирени финансиски обврски, нема да се игра натпреварот со Весна Пробиштип којшто беше закажан за утре од 17 часот во малата сала на СРЦ „Кале“ во Скопје. Тоа ќе биде шанса за бранителот на двојната круна, екипата на Џио Струмица, со успешен настап против УГД Студент во понеделник пред камерите на МРТ, да се изедначи со лидерот на табелата според бројот на победи. Во есенскиот дел од шампионатот, Вардар оствари максимални осум, а Џио Струмица седум триумфи. Штипјани во првиот сегмент од сезоната забележаа четири победи, беа петтопласирани и успеаја да влезат во Втората фаза-1. Првиот меѓусебен дуел сезонава актуелниот првак го доби на гостински терен со 3:0.

 

Поголема доза неизвесност се очекува на локалното дерби меѓу Универзитет во Тетово и Лирија. Тоа ќе биде пресметка за третата позиција на табелата затоа што Лирија има шест, а Универзитет во Тетово пет победи досега и бод помалку од ривалот којшто славеше со 3:0 есеноска. Но во предониот рок, Универзитет во Тетово значително се засили, па на овој натпревар важи за благ фаворит.

 

Во Втората фаза-1, ќе бидат одиграни десет кола според двокружен систем, а првите четири екипи ќе се пласираат во полуфиналето на разигрувањето. Во Втората фаза-2 во којашто се Шкендија, ГОК Борец и Дибра волеј, за секој тим ќе има осум кола затоа што ќе се игра според четирикружен систем. Овој дел од шампионатот ќе почне со пресметката меѓу ГОК Борец и Дибра волеј. Велешани славеа на првиот меч во Дебар, па се фаворити за втората победа сезонава. Дибра волеј нема ниту една, но за разлика од лани кога немаше ниту еден, овој пат освои вкупно три сета.

 

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (1.коло)

Џио Струмица – УГД Студент (понеделник, 19.00, пренос на МРТ Собраниски)

Универзитет во Тетово – Лирија (сабота, 19.00)

Вардар – Весна Пробиштип (нема да се игра поради суспензија на ОК Вардар)

Прва лига (мажи), Втора фаза-2, (1.коло)

ГОК Борец – Дибра волеј (сабота, 14.00)

***Во ова коло слободна е екипата на Шкендија

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *