Голема победа на Јанта волеј Форца во четвртфиналето на купот

 

Одбојкарките на Јанта волеј Форца славеа над Наковски волеј со 3:0 во првиот натпревар од четвртфиналето на македонскиот одбојкарски куп. Двократните шампионки максимално го искористија домашниот терен, па за пласман меѓу четирите најдобри потребен им е само еден сет на гостувањето во Струмица на реваншот наредната недела. Доколку сака да остане на патот на ланскиот успех кога играше во финалето, Наковски волеј треба да го добие тој натпревар со 3:0, а потоа и таканаречениот „златен“ сет до 15 поени. На другите средби во женска конкуренција, фаворитките лесно победија во туѓа сала. Бранителките на трофејот славеа во три сета против Пелистер волеј, Вардар жени на ист начин го победи Виктори волеј, а Струмица жени загуби сет, но триумфираше во Штип против УГД Студент жени.

 

Во машка конкуренција, Џио Струмица е веќе полуфиналист откако Дибра волеј претрпе службен пораз затоа што немаше доволен број одбојкари за мечевите во салата „Парк“. Клубовите се договорија да ги одиграат двата меча во Струмица, но воопшто немаше одбојка, па освојувачот на ланската двојна круна без борба ја мина оваа рунда. Формално тоа останува да го сторат и Вардар, Универзитет во Тетово и Лирија, коишто остварија победи на теренот на ривалите во првите пресметки. Ниту еден од нив не загуби сет, Вардар кај Весна Пробиштип, Универзитет во Тетово кај УГД Студент, а Лирија во локалната пресметка со Шкендија.

 

Одбојкарски куп (мажи), четвртфинале, први натпревари

Дибра волеј – Џио Струмица 0:3/0:3 (службен резултат)
Весна Пробиштип – Вардар 0:3 (10:25, 15:25, 13:25)
Шкендија – Лирија 0:3 (17:25, 19:25, 17:25)
УГД Студент – Универзитет во Тетово 0:3 (18:25, 18:15, 17:25)

 

Одбојкарски куп (жени), четвртфинале, први натпревари

Виктори волеј – Вардар жени 0:3 (17:25, 4:25, 8:25)
Пелистер волеј – Работнички Скопје 0:3 (10:25, 11:25, 16:25)
УГД Студент жени – Струмица жени 1:3 (11:25, 26:24, 12:25, 11:25)
Јанта волеј Форца – Наковски волеј 3:0 (25:17, 25:23, 25:22)

***Реваншите се закажани за 26. февруари 

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *