Две струмички дерби пресметки во третото коло од Втората фаза кај дамите

 

Вардарки го обезбедија врвот на табелата, шампионките заостануваат, Наковски волеј е во резултатска криза, Струмица жени има шанса да напредува, а Јанта волеј Форца да се доближи до позиција за настап во разигрувањето. Токму затоа третото коло во Втората фаза-1 во женското одбојкарско првенство е исклучително привлечно. Во него екипата на Вардар жени уште минатиот викенд ја заврши работата против Виктори волеј и сега има две победи повеќе од Работнички Скопје и дури три во однос на Наковски волеј и на Струмица жени. Тоа значи дека без оглед како ќе завршат двата меча во Струмица, црвено-црните ќе останат на лидерското место. Јасно е и дека одбојкарките на Работнички Скопје ќе останат втори, макар што со пораз од Наковски волеј в понеделник, ќе бидат пред ривалките само поради подобар сет-количник. За разлика од лани кога Наковски волеј играше финале во купот, по елиминацијата од Јанта волеј Форца, струмичанки сега се насочени само кон првенството во коешто имаат три порази, еден од нив од наредните противнички од Работнички Скопје.

 

Натпреварот во салата „Парк“, којшто ќе оди во живо на Собранискиот сервис на МРТ, може да влијае на промена на позициите на струмичките екипи на табелата. Тимот на Струмица жени има биланс 10-3, два бода помалку од Наковски волеј и е четврти, но доколку го совлада составот на Јанта волеј Форца, а градскиот ривал загуби од Работнички Скопје, може да се пробие на третата позиција. Од друга страна, пак, Јанта волеј Форца заостанува две победи зад Наковски волеј и зад Струмица жени, така што доколку сака да има реални, а не само теоретски шанси за влез во полуфиналето на разигрувањето, тогаш утре треба да игра за триумф на жешкиот терен на дебитантот во најквалитетното женско одбојкарско друштво кај нас.

 

Во другиот натпреварувачки сегмент, Втората фаза-2, Универзитет во Тетово и Ускана утре ќе играат за второто место коешто е осмо во конечното рангирање на крајот на сезоната. Двата состава имаат по четири победи, а прв е УГД Студент жени којшто на петти март ќе гостува кај Македонија Макс. Струмичанки исто така имаат четири победи, па можат да се надеваат на подобар пласман од сегашната четврта позиција. Чекор напред може да планира и тимот на Пелистер волеј, но само доколку во ова коло оствари планирана победа над последнопласираниот Бами Кор, а потоа да совлада и некоја од екипите со подобар ефект досега.

 

Прва лига (жени), Втора фаза-1, 3.коло

Струмица жени – Јанта волеј Форца (сабота, 13.00)
Наковски волеј – Работнички Скопје (понеделник, 17.00, пренос на МРТ Собраниски)
Вардар жени – Виктори волеј 3:0 (25:10, 25:14, 25:7)

Прва лига (жени), Втота фаза-2, 3.коло

Универзитет во Тетово – Ускана (сабота, 16.30)
Пелистер волеј – Бами Кор (сабота, 12.00)
Македонија Макс – УГД Студент жени (5.март, 19.00)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *