Ако се прогнозира според квалитетот на екипите и досегашните резултати од нивните меѓусебни дуели, натпреварите од третото коло во Втората фаза-1 во нашата најсилна машка одбојкарска конкуренција би требало да имаат познат епилог. Фаворитите играат на домашен терен, а со оглед на пласманот, како и на фактот што тоа може да биде и двојка од полуфиналето во разигрувањето, поголемо внимание во однос на другите предизвикува соочувањето на Вардар и на Лирија. Црвено-црните се водечки и немаат пораз, а тимот од Жеровјане е четврти со значајна предност во однос на ривалите во трката за настап во елиминацискиот дел од сезоната. Есенскиот меч убедливо му припадна на Вардар којшто до дербито со Џио Струмица во понеделникот немаше загубен сет. Лирија оствари седум триумфи, па може да игра растоварено против претендентот на тронот затоа што ќе ја задржи позитивата пред Штип УГД Штип и пред Весна Пробиштип доколку тие не направат резултатско чудо во оваа лигашка рунда.
Весна Пробиштип денеска ќе му гостува на првакот Џио Струмица, а штипјани утре повторно ќе играат со третопласираниот Универзитет во Тетово откако претходно ги загубија двете четвртфинални пресметки во купот. Тетовци се апсолутни фаворити за осмата победа сезонава во првенството, но и ако се мине како што е планирано за нив, нема да можат да го загрозат ефектот на шампионот. Со надеж за втор сезонски успех во меѓусебните натпревари, Џио Струмица во својата сала ќе ја пречека екипата на Весна Пробиштип, којашто успеа да влезе во елитниот натпреварувачки сегмент пролетва, но нема сили да се надигрува за влез во разигрувањето.
Во Втората фаза-2, утре Шкендија ќе се сретне со ГОК Борец во заостанатиот натпревар од второто коло, а наредниот викенд Дибра волеј ќе и биде домаќин на Шкендија. Велешани и тетовци имаат по две победи во оваа конкуренција, а Дибра волеј е без успех досега.
Прва лига (мажи), Втора фаза-1, 3.коло
Џио Струмица – Весна Пробиштип (денеска, 18.00)
Вардар – Лирија (денеска, 20.30)
Универзитет во Тетово – Штип УГД Штип (сабота, 19.30)
Прва лига (мажи), Втора фаза-2, 3.коло
Дибра волеј – Шкендија (8.март)
Прва лига (мажи), Втора фаза-2, 2.коло
Шкендија – ГОК Борец (сабота, 17.00)