Наковски волеј – Работнички Скопје на МРТ Собраниски од 17 часот

 

Одбојкарките на Јанта волеј Форца забележаа исклучително важна победа на гостувањето кај Струмица жени во третото коло од Втората фаза-1 во Првата лига. Иако дебитантот во најсилната конкуренција водеше со 2:0, двократните првенки успеаја да направат целосен пресврт и да се израдуваат на деветтиот првенствен триумф. Со тоа им се доближија на двете струмички екипи на само една победа, што значи дека тимот од Кисела вода остана во трка за четвртото место на табелата коешто обезбедува нстап во полуфиналето од разигрувањето. Составот на Струмица жени ги доби првите два натпревара по зимската пауза и имаше голема шанса да направи тешко достижна предност пред Јанта волеј Форца, а пропушти и можност да се качи на третото место на табелата. На него е Наковски волеј којшто денеска ќе го пречека Работнички Скопје во дербито на колото. Во него ќе сервираат ланските финалисти во купот, а и годинава екипи со амбиција да одат далеку во првенството. Одбојкарките на Работнички Скопје го загубија дербито со Вардар минатиот викенд и го препуштија водечкото место, но притисокот подеднакво ќе биде и на страна на Наковски волеј поради трите порази на последните пет лигашки средби, како и поради елиминацијата во четвртфиналето на купот. Лошата серија на Наковски волеј почна токму со пораз од Работнички Скопје на домашен терен во есенскиот меѓусебен дуел, така што ова соочување е добра шанса за струмичанки да се реваншираат и со тоа да се израмнат со противничките според бројот на победи и на бодови. Сепак, дури и со пораз од 3:0, бранителките на двојната круна ќе останат второпласирани затоа што секако ќе имаат подобар сет-количник од Наковски волеј. Мотивот на скопските одбојкарки ќе биде да се забележи победа за да се одржи чекорот со тимот на Вардар жени, којшто откако претходно го совлада Виктори волеј со 3:0, има 13 победи, две повеќе од шампионките.

ОК Наковски волеј

Во Втората фаза-2, Ускана го забележа третиот успех, овој пат на гости кај Универзитет во Тетово којшто не успеа да задржи водство од 2:0 во сетови. Кичевки направија комплетен пресврт и со пет победи се на второто место во оваа конкуренција зад тимот на УГД Студент жени. Во пресрет на мечот со Македонија Макс од ова коло, закажан за в четврток, штипјанки се радуваа на шест триумфи, а струмичката екипа забележа четири, исто колку Универзитет во Тетово и Пелистер волеј. Битолчанки ја прекинаа серијата од шест порази откако во саботата дома славеа над последнопласираниот Бами Кор со 3:0, па можат да се надеваат дека ќе се вклучат во битката за врвот во ова друштво, а со тоа да обезбедат подобар пласман на крајот на сезоната.

 

Прва лига (жени), Втора фаза-1, 3.коло

Струмица жени – Јанта волеј Форца 2:3 (25:10, 25:21, 22:25, 20:25, 11:15)
Наковски волеј – Работнички Скопје (денеска, 17.00, пренос на МРТ Собраниски)
Вардар жени – Виктори волеј 3:0 (25:10, 25:14, 25:7)

Прва лига (жени), Втора фаза-2, 3.коло

Универзитет во Тетово – Ускана 2:3 (25:21, 25:22, 22:25, 24.26, 7:15)
Пелистер волеј – Бами Кор 3:0 (25:13, 25:20, 25:17)
Македонија Макс – УГД Студент жени (5.март, 19.00)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *