Викенд за натпревари со влијание на разигрувањето во женската Прва лига

 

Одбојкарките на Вардар ќе го пречекаат Наковски волеј во дербито на четвртото коло од Втората фаза-1 во најквалитетното женско одбојкарско друштво. Во малата сала на СРЦ „Кале“, црвено-црните ќе играат за 14-тата победа сезонава иако и без неа секако ќе го задржат првото место на табелата. Наковски волеј е во лоша резултатска серија, но се уште е во водечкото трио затоа што има поголем број бодови од Струмица жени, но доколку сака да остане во трка за второто место, треба да се обиде да влезе во низа, а тоа претпоставува и да победува против подобропласираните екипи. Во случај на пораз, а триумф на Струмица жени на гостувањето кај Работнички Скопје, може да се случи Наковски волеј да го загуби третото место. Доколку тимовите од главниот град ја искористат предноста на домашниот терен во пресметките со струмичките ривалки, тогаш ќе создадат значајна предност и ќе останат сами во битката за првото место на табелата по основниот тек од сезоната.

 

Сметките на водечките четири сака да ги расипе Јанта волеј Форца, петтата екипа којашто со право може да се надева на пласман во разигрувањето. Составот од Кисела вода има девет победи, една помалку од Наковски волеј и од Струмица жени, но доколку одигра со успех во салата на Виктори волеј, може да се надева дека ќе се изедначи со конкурентите за настап во нокаут сегментот. Сепак, дури и доколку сите резултати од оваа рунда им одат во прилог, одбојкарките на Јанта волеј Форца нема да напредуваат на табелата поради тоа што немаат доволен број бодови. Виктори волеј, пак, е во лоша низа, досега заработи само шест победи, така што има само теоретски шанси за учество во разигрувањето.

 

Во Втората фаза-2, во којашто екипите играат за пласман од 7-то до 12-тото место во конечното рангирање, УГД Студент жени ќе се сретне со Универзитет во Тетово со амбиција да ја впише осмата победа и да го зацврсти водечкото место. Со четири триумфи досега, тетовки се во друштво на Пелистер волеј и на Македонија Макс коишто во рамки на ова коло ќе играат в среда. Второпласираната Ускана е голем фаворит на теренот на Бами Кор, но дури и со планирана шеста победа, кичевки не се во позиција да го загрозат ефектот на УГД Студент.

 

Прва лига (жени), Втора фаза-1, 4.коло

Вардар жени – Наковски волеј (сабота, 18.30)
Работнички Скопје – Струмица жени (сабота, 19.00)
Виктори волеј – Јанта волеј Форца (сабота, 16.00)

Прва лига (жени), Втора фаза-2, 4.коло

УГД Студент жени – Универзитет во Тетово (сабота, 17.00)
Бами Кор – Ускана (сабота, 17.00)
Пелистер волеј – Македонија Макс (11.март)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *