Пресметки на најдобрите четири екипи во македонската одбојка сезонава

 

Четвртото коло во најсилната машка одбојкарска конкуренција кај нас има тежина на полуфинале во разигрувањето затоа што во него ќе се сретнат првопласираните четири екипи досега. Актуелниот првак, Џио Струмица, ќе ја пречека Лирија, а лидерот Вардар ќе му биде домаќин на Универзитет во Тетово. Бранителите на двојната круна се надеваат дека во салата „Парк“ денеска ќе забележат сигурен успех, а со тоа дека ќе го искористат дербито во Скопје за да му се доближат на Вардар, или пак, да се оддалечат од тетовци за две победи. Во секој случај, доколку составот на Џио Струмица го оствари планираниот 10-ти триумф сезонава, секако ќе профитира по оваа натпреварувачка рунда. Иако има аутсајдерска улога пред соочувањето со шампионот, Лирија може да одигра растоварено бидејќи има сигурна предност од три победи во трката за влез во разигрувањето.

 

Саботната програма го содржи дербито меѓу Вардар и Универзитет во Тетово, екипи коишто досега забележаа три победи во Втората фаза-1. Црвено-црните од Скопје славеа на есенскиот меѓусебен дуел, впрочем главниот претендент за тронот нема пораз сезонава, но за да го обезбеди првото место во основната фаза, потребно е да се радува на утрешниот дуел, но и да освои барем бод на преостанатите две дерби пресметки до крајот на овој сегмент од сезоната. Ланскиот финалист во купот, Универзитет во Тетово, има осум победи, една помалку во однос на Џио Струмица, така што ако сака да напредува на табелата и да оствари предност на домашен терен во полуфиналето од разигрувањето, треба да забележи позитивен ефект во мечевите коишто имаат дерби карактер. Без оглед што не се во горниот дел и само теоретски можат да се најдат во лигашкото полуфинале, со неспорни мотиви за победа ќе играат локалните ривали Весна Пробиштип и Штип УГД Штип.

 

Претстојниот викенд ќе биде раритетен и поради тоа што во него се закажани две средби од Втората фаза-2, двете во Дебар. Најпрво, утре во редовното, четврто коло, Дибра волеј ќе сервира против ГОК Борец, а потоа в недела на теренот на последнопласираната екипа сезонава ќе гостува Шкендија во заостанатиот натпревар од третото коло. Во оваа конкуренција велешани се први со три победи, една повеќе од Шкендија, а Дибра волеј засега нема триумф.

 

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, 4.коло

Џио Струмица – Лирија (денеска, 17.30)
Вардар – Универзитет во Тетово (сабота, 16.00)
Весна Пробиштип – Штип УГД Штип (сабота, 17.30)

Прва лига (мажи), Втора фаза-2, 4/3.коло

Дибра волеј – ГОК Борец (сабота, 15.00)
Дибра волеј – Шкендија (недела, 20.00)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *