Универзитет во Тетово постави рампа за лидерот, прв пораз на Вардар сезонава

 

Одбојкарите на Универзитет во Тетово триумфираа над Вардар во дербито на четвртото коло од Втората фаза-1 во најквалитетната македонска одбојкарска конкуренција. Првиот сезонски пораз на водечката екипа значи дека битката за првото место добива дополнителен шарм затоа што водечкото трио во коешто е и Џио Струмица до почетокот на полуфиналето ќе одигра уште четири натпревари. Во нив црвено-црните од Скопје ќе влезат со 11 победи, една повеќе од актуелниот првак и две во однос на тетовскиот ривал, но тоа не им гарантира дека во разигрувањето ќе тргнат од најдобрата позиција.

 

Саботното дерби во малата сала на СРЦ „Кале“ почна со доминација на Универзитет во блокот против коректорот на Вардар Јовица Симовски. Гостите освоија осум поени од блок во таа фаза и поведоа, но во наредните два сета домашниот состав имаше подобар напад и драстично подобар сервис, па лесно поведе со 2:1. Сепак, тоа не беше доволно за да го задржи стопроцентниот ефект сезонава, затоа што тетовци го издржаа притисокот во четвртиот сет, грешеа помалку, израмнија, а потоа и доминираа во решавачкиот со 12 наспроти само 5 освоени директни поени на Вардар. Со серија од пет победи, Универзитет во Тетово во наредното коло ќе го пречека составот на Џио Струмица во уште едно големо дерби во нашата одбојка. Бранитеот на двојната круна немаше проблеми против Лирија на свој терен и очекувано славеше со 3:0 без да се потроши, но тимот од Жеровјане се уште е безбеден на четвртото место на табелата коешто обезбедува настап во разигрувањето затоа што Весна Пробиштип го совлада Штип УГД Штип со 3:0. По локалото дерби, двете екипи имаат заостанување од три победи во однос на Лирија.

 

Со оглед дека претходно имаше одложен натпревар, во Втората фаза-2 викендов беа одиграни два меча, двата во Дебар со пораз на домашниот состав на Дибра волеј. Во саботата од ГОК Борец со 3:0, а во неделата од Шкендија со 3:1. Тоа значи дека велешани се први во оваа конкуренција со една победа повеќе од Шкендија.

 

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, 4.коло

Џио Струмица – Лирија 3:0 (25:16, 25:16, 25.19))
Вардар – Универзитет во Тетово 2:3 (23:25, 25:16, 25:15, 22:25, 11:15)
Весна Пробиштип – Штип УГД Штип 3:1 (16:25, 25:20, 25:21, 25:23)

Прва лига (мажи), Втора фаза-2, 4/3.коло

Дибра волеј – ГОК Борец 0:3 (18:25, 11:25, 16:25)
Дибра волеј – Шкендија 1:3 (25.19, 21:25, 14:25, 15:25)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *