ЦЕВ дефинитивно ја откажа Европската лига 2020 и изготви план за помош на одбојкарските субјекти

 

Поради пандемијата на коронавирус, Административниот борд на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) го откажа годинашното издание на Европската лига. Тоа значи дека македонската репрезентација ќе почека на деби во елитната континентална конкуренција, таканаречената Златна Европска лига. Во минатите години нашиот национален тим петпати играше во Сребрената Европска лига, трипати во финалето, но со одличниот настап на Европското првенство во Љубљана, дебитантски за нас, доби можност да биде дел од највисокиот натпреварувачки ранг.

 

Административниот борд на ЦЕВ ги откажа и завршните фази од европските купови за сезоната 2019/2020, а за квалификациите за Европското првенство во 2021 коишто се предвидени за август годинава, ќе решава на први јули. Доколку здравствените услови не дозволат да се реализира првичниот план, ќе биде разгледувана идејата квалификациите да бидат презакажани за јануари 2021. Македонскиот национален тим е во група со Турција, со Данска и со Босна и Херцеговина, што значи дека има реални шанси да се пласира на претстојниот континентален самит.

 

Со оглед дека одбојкарската сезона е во прекин од минатиот месец, а со тоа одбојкарските субјекти трпат штета, ЦЕВ реши да изготви план за помош којшто опфаќа низа мерки, а чијашто вредност изнесува 11,5 милиони евра.

 

“Со помош на овој историски “Маршалов план” се осигуруваме дека кога овој наметнат прекин ќе заврши, нашето одбојкарско семејство ќе ги продолжи активностите со поголем ентузијазам и со позитивна енергија”, пишува во изјавата на претседателот на ЦЕВ Александар Боричиќ.

 

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *