Уште еден интернет семинар на ЦЕВ: „да се цени напорот повеќе од резултатот“

 

Освојувачот на олимписко и на европско злато Андрија Гериќ беше предавач на вториот таканаречен вебинар, интернет семинар во организација на Развојниот оддел на ЦЕВ, а на којшто учесници беа нашите тренери Емилија Терзиевска и Александар Митаев. По минатонеделното дружење со Белгиецот Крис Де Лус, наместо технички аспекти на тренинзите, македонските претставници овој пат можеа да учат и да поставуваат прашаења на теми во врска со спортската психологија.

Гериќ, кој во играчката кариера имаше исклучителни постигнувања освојувајќи 27 клупски и репрезентативни трофеи, како и пет индивидуални награди меѓу кои и најдобар блокер на Олимпијадата во Сиднеј, на дваесетина тренери од Европа им зборуваше за разликата меѓу есенцијалната и надворешната мотивација кај спортистите, притоа нагласувајќи зошто е потребно да се акцентира есенцијалната кога се работи со деца. Според славниот српски предавач, за да се развие самодовербата кај секој поединец, значајно е тренерите да ја поттикнуваат автономијата, компетентноста и потребата од социјалната врска кај одбојкарките и одбојкарите на прв степен од тренажниот процес. Како генерален заклучок, присутните на семинарот слушнаа дека должноста на тренерите коишто работат со деца на возраст од шест до дванаесет години е да ги направат добри/подобри луѓе, да се погрижат децата да се чувствуваат сакано и прифатено, а на тој начин да ја извлечат најдобрата мотивација од нив. Клучот е „да се цени напорот повеќе од резултатот“, рече Гериќ. Со славното име на светската одбојка, Терзиевска и Митев имаа можност да поразговараат и за мислењето дали родителите треба да бидат присутни на тренинзите, за начините да се поттикне храброста кај децата и да се отстрани стравот од грешки, за возраста којашто е соодветна за да се побара фокус на резултатот наместо само на напорот вложен во работата, како и за начините на користење методи од спортската психологија во тренинзите.

 

По Гериќ, нареден предавач ќе биде Французинот Никола Саурбре, а на крајот повторно на сцена ќе стапи Белгиецот Де Лус. Серијата од четири интеренет семинари е замена за тренерската конвенција којашто требаше да биде одржана во Крањска Гора, а беше откажана поради пандемијата со коронавирусот. Овие предавања се дел од училиштниот проект на ЦЕВ, чијшто партнер е и Одбојкарската федерација на Македонија.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *