ЦЕВ го објави логото за Европското првенство 2021

 

Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) го објави логото за претстојните два континентални собира во сениорска конкуренција и на тој начин го најави настанот кон којшто се стреми и македонската машка репрезентација – Европското првенство во 2021-ва. Како и лани, користејќи ги позитивните искуства, ЦЕВ реши и наредните два шампионата за најдобрите одбојкари и одбојкарки да бидат организирани во осум земји, по четири во двете конкуренции. Машкиот ќе биде одржан во Полска, Чешка, Естонија и во Финска, а женскиот во Србија, Бугарија, Хрватска и во Романија. Оваа практика беше очекувана со оглед дека минатогодишните ЕвроВолеј настани поставија рекордни бројки во неколку параметри, а на некои земји како нашата, првпат им овозможија да бидат дел од елитната европска одбојка.

Квалификациските натпревари првично беа закажани за август и за септември, но имајќи ја предвид здравствената ситуација, можно е да има одложување за јануари. Тогаш постои опција наместо шест или четири натпревари според принципот „секој со секого, дома и на гости“, да се игра на два турнира во секоја од седумте машки и шесте женски квалификациски групи. Македонскиот национален тим е во конкуренција на фаворитот Турција и на Данска и на Босна и Херцеговина, кои се подолу на ранг-листата од нас. За наш втор настап на европските првенства, на црвено-жолтите им е потребно првото место во групата или, пак, пласман на второто, но притоа со биланс којшто е меѓу петте најдобри селекции од второпласираните седум во сите групи. На тој начин, генерацијата на капитенот Никола Ѓорѓиев ќе има шанса да го надгради успехот од дебитантското учество на европските првенства кога македонската репрезентација заврши на 17-тото место во конечното рангирање на самитот во 2019, а за нијанса не успеа да обезбеди осминафинале со кодомаќинот Франција.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *