Блокерот Ристо Николов го продолжи договорот со Џио Струмица

 

Покрај засилувањата на составот со играчи коишто лани настапуваа во други клубови, целта на Џио Струмица во пресрет на новата сезона е и да ги задржи досегашните одбојкари. Средниот блокер Ристо Николов потпиша нов договор и ќе остане член на последниот освојувач на двојната круна кај нас. Нашиот одбојкарски репрезентативец целата играчка кариера на домашната сцена ја мина во Џио Струмица, а неговото присуство во тимот ќе му помогне на тренерот Кире Ричлиев да создаде игра за остварување на клупските амбиции во сезоната 2020/2021. За струмичани тоа значи напад на титулите во првенството и во купот и што подобро претставување на интернационалната сцена.

 

Претходно, раководството на Џио Струмица потпиша договори со Владо Милев и со Васе Михаилов со што значително ја засили конкуренцијата на примачката позицијата. Со оглед на овие потези, јасно е дека екипата ќе располага со искуство како значајна компонента, а според најавите, клубот планира и процес на подмладување, односно засилена активност во работата со младите категории заради создавање одбојкари коишто ќе бидат основа на струмичкиот состав во подолг временски интервал.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *