Општ спортски протокол и државно тело за менаџирање на влијанието на коронакризата на спортот

 

Претставници на најголемите четири спортски федерации кај нас одржаа состанок во „Куќа на фудбалот“ на којшто разговараа за влијанието на здравствената криза на натпреварувањата во претстојната сезона. Беше донесен заклучок да се предложи формирање тело коешто ќе биде на располагање на спортските субјекти и ќе го менаџира целиот процес, а во коешто свои претставници ќе имаат Министерството за здравство, Комисијата за заразни болести, Агенцијата за млади и спорт, како и одбојкарската, фудбалската, кошаркарската и ракометната федерација. Нашите спортски институции очекуваат изготвување општ спортски протокол за олеснување на предизвиците со коишто се соочуваат во организација на првенствата и куп-натпреварите во новите услови, како и за заштита на здравјето на спортистите, на спортските работници и на сите вклучени во спортскиот процес.

 

„Ние имаме проблем во наоѓање сали за натпреварување. Тие се се уште под Министерството за образование и наука, а нејасно е дали е направена дезинфекција и дали некој може да гарантира дека се безбедни за играње одбојка. Овој проблем ќе остане затоа што многу клубови користат сали коишто се во склоп на училиштата, а доколку училиштата се затворени, нема да има можност да се игра во нив. Од друга страна, пак, многу родители се уште не ги пуштаат своите деца да тренираат поради страв од вирусот. Значи, проблемите се повеќеслојни, а не смееме да го заборавиме ниту финансискиот аспект, па затоа предлагам да побараме ваучер од државата за субвенционирање на тестирањето на спортистите“, рече генералниот секретар на Одбојкарскарта федерација Зоран Карановиќ.

 

„ФФМ изготви фудбалски протокол уште во текот на месец мај за тренинзи и за натпревари на отворено без публика на ниво на државата со цел да се започне натпреварувањето во сениорските лиги. Направивме напори и за организирање бараж натпревари за пополнување на Втора МФЛ-Исток и Втора МФЛ-Запад со екипи од третите лиги, меѓутоа за жал поради детектирани позитивни тестови кај фудбалери од екипите натпреварите беа откажани“, им објасни на колегите од другите федерации генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски, кој беше иницијатор на средбата.

 

Заради започнување на новата сезона според предвидениот план, Фудбалската федерација ќе организира PCR тестови за болеста Ковид-19 за сите 12 екипи учесници во највисокиот натпреварувачки ранг, а нејзините претставници потврдија дека Комисијата за заразни болести веќе го одобри претходно изготвениот протокол. Со оглед дека одбојката, ракометот и кошарката се играат во затворен простор, претставниците на овие федерации истакнаа дека кај нив проблемите можеби се покомплексни, но главно беа споделени истите предизвици во поглед на терстирање на играчите и ограничените можности за патување и за реализација на меѓународната програма.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *