Иднината на женската одбојка од денеска е во Крушево

 

Откако одработе тренинзи во четири регионални центри и тестираше 96 одбојкарки, селекторот Ненад Михајловиќ направи пократок список кандидатки за настап во македонската репрезентација на Европското првенство во 2022-ра. Фактот што ЦЕВ и ја додели оранизацијата на континенталниот собир за одбојкарки до 19 години на ОФМ, не само што е голема обврска, туку е и шанса за коректно претставување на македонската одбојка на евросцената, во конкуренција на вообичаено најталентираните и најквалитетните одбојкарски нации. Затоа проектот ЕП 2022 почна две години порано од главниот настан, со првична селекција на нашите најталентирани одбојкарки од генерацијата 2006. По тренензите во Скопје, во Битола, во Штип и во Струмица, српскиот стратег и неговите соработници одбраа 26 девојки коишто ќе бидат дел од шестдневен камп во Крушево.

 

„Видов многу девојки и ги одбравме најперспективните, а не тие што најмногу знаат. Сите добија известување за тоа како треба да се однесуваат, едноставно, мора да почитуваат правила, да внимаваат на исхрана, редовно да тренираат. Ќе правиме мини-тестирања секој месец и сакаме да го креваме нивото“, ја образложува својата идеја селекторот Михајловиќ кому му асистираат неколкумина наши тренери. Тој потенцира дека негова цел е да создаде здрава конкуренција во репрезентацијата, а дури и тие што сега не се на потесниот список за кампот во Крушево, да знаат точно во која насока треба да се движат и кого треба да достигнат.

 

„Има простор за напредок и тоа многу ме радува. Треба да ја менуваме свеста и кај тренерите, многу разговарав со нив, имаа многу прашања и мислам дека почнавме добро. Направивме атмосфера и тоа е позитивно“, вели Михајловиќ пред да се посвети на тренинзите во Крушево. Ќе бидат вкупно десет, денеска и в четврток по еден, а од утре до среда по два дневно.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *