Европско деби за македонскиот судија Јосип Христов

 

По репрезентативниот успех лани на премиерниот настап на континенталните самити, крунисан со победите над Белорусија и над вицешампионот Словенија, македонската одбојка денеска ќе добие уште една потврда за позитивниот тренд, чијшто сегмент, покрај резултатите, се и административните одлуки во комуникацијата на ОФМ со ЦЕВ. Нашиот судија Јосип Христов првпат ќе ја дели правдата на натпревар на европско првенство, со што отсега ќе имаме уште еден меѓународен судија.

 

Откако беше меѓу најекспонираните во домашните првенствени конкуренции во последните сезони, а минатата година успешно ги мина семинарите на ЦЕВ, Христов ја доби довербата да биде судија на Европското првенство за одбојкарки до 19 години коешто се одржува во Босна и Херцеговина и во Хрватска. Христов е во групата во Осиек, а вечерва ќе биде втор судија на натпреварот меѓу Франција и Бугарија.

 

“За мене ова е голема чест и одвај чекам да почне натпреварот. Максимално сум подготвен достојно да ја претставам македонската одбојка. Го познавам колегата Јасмин Хусејновиќ, кој ќе биде прв судија и сигурен сум дека добро ќе соработуваме. Засега не размислувам за големи цели, сакам да бидам на ниво на секој натпревар и да ја искористам шансата”, вели Христов.

 

Ова делегирање, како и самиот факт што е меѓу шестемина судии во групата во Осиек, покажува дека авторитетите на ЦЕВ веруваат во квалитетот на Христов, кој го зазема местото во редот на македонски меѓународни судии. Од активните, таков статус имаат и Никола Мицевски, Влатко Ристовски и Орданче Амбарков.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *