Лука Костиќ е најново засилување за Џио Струмица

 

Во исклучително активниот преоден рок, по ангажманот на неколку докажани играчи, Џио Струмица ги обезбеди услугите и на Лука Костиќ – најперспективниот македонски одбојкар, којшто минатата натпреварувачка сезона ја мина во Црна Гора, во дресот на Будуќност. Костиќ лани беше на поширокиот список на селекторот Никола Матијашевиќ за настап на Европското првенство во групата во Љубљана, а редовно играше и во нашите младински национални состави, по што се очекува да добие статус стандарден сениорски репрезентативец веќе во претстојните квалификации за наредниот континентален собри во 2021. Неговиот потпис за Џио Струмица ќе значи дополнително засилување на позицијата примач кај најуспешната македонска екипа во последната деценија, што е особено значајно пред сезоната во којашто клубот сака двојна круна на домашната, како и достоинствен настап на меѓународната сцена. Струмичани годинава решија да се вратат во европските натпреварувања, по што го добија кипарскиот тим Омонија од Никозија за противник во шеснаестинафиналето на Челинџ купот на ЦЕВ. Евентуален успех во тој двомеч може да донесе соочување со турски Зират.

 

Костиќ лани потпиша двегодишен договор со Будуќност, но поради ситуацијата со здравствената криза, во договор со црногорскиот клуб, реши претстојната сезона да ја мине во македонската лига. Преминот на релација Подгорица-Струмица беше реализиран поради проценката дека Костиќ ќе може да ја унапреди формата играјќи за Џио Струмица, а е плод на веќе потврдената долгорочна соработка на двата клуба.

 

Претходно, Џио Струмица потпиша со репрезентативците Владо Милев, Васе Михаилов, Ристо Николов, Славе Наков и Филип Николовски, а ги потврди договорите со одбојкарите коишто беа значајна алка во освојувањето пехари во минатиот период. Успешните потези на кадровски план донесоа силен оптимизам дека тренерот Кире Ричлиев има ресурси да создаде поквалитетна целина отколку досега, а со тоа и дека има реални услови за исполнување на проектираните цели.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *