Одбојкарско првенство на Македонија (29та сезона)

 

Фаворитите не загубија сет, денеска е првиот телевизиски пренос

 

Системот за натпревари во Прва лига (мажи) е променет во однос на лани. Во првата, есенска фаза од оваа сезона, десетте екипи ќе одиграат по девет натпревари според еднокружен систем, по што најдобрите четири ќе влезат во Втората фаза-1 во којашто секој ќе ги одмери силите со секого дома и на гости по двапати (четирикружен систем), а тој сегмент ќе содржи 12 кола. По него, тимовите ќе ги формираат полуфиналните двојки. Целта со оваа промена е овозможување повеќе дерби натпревари, заради поинтересно првенство. Екипите што ќе завршат од 5-тото до 10-тото место во есенскиот дел, пак, за да го одредат конечниот пласман, ќе одиграат по десет натпревари според двокружен принцип „секој со секого, дома и на гости“.


Со оглед на актуелната здравствена ситуација, сите натпреварувања ќе бидат спроведени според строгите протоколи одобрени од Комисијата за заштита од заразни болести.

 

Одредувањето на двојките наметна лесни натпревари во првото коло на 29-тиот одбојкарски шампионат кај нас. Екипата на Вардар, којашто лани се наоѓаше на водечката позиција на табелата во моментот на прекин поради коронакризата, оствари победа на теренот на Штип УГД-Штип без да загуби сет, што посочува дека црвено-црните повторно имаат амбиции да го напаѓаат врвот. Без оглед што остана без репрезентативците Филип Маџунков и Васе Михаилов, нашиот претставник во Челенџ купот на ЦЕВ немаше проблеми да ја заврши работата според планот на гостувањето во Штип.

 

Убедлив настап имаше и Шкендија против Дибра волеј препуштајќи му на ривалот само 36 поени. Од тетовскиот клуб во претстојната сезона се очекува да биде поконкурентен во однос на лани, а намерите да биде меѓу водечките во лигата се заклучуваат и од фактот што составот доби интернационален карактер. Дибра волеј ќе се обиде да напредува споредувајќи го ефектот од минатите две сезони, но тешко е да се верува дека резултатски ќе може да исчекори.

 

Во саботната програма од почетното коло во Првата лига (мажи), триумф со 3:0 оствари и Весна Пробиштип против Јанта волеј, кој е повратник во најсилната конкуренција. Во последните години пробиштипјани главно постојано конкурираа за настап во Втората фаза-1, а така се очекува да биде и овој пат, додека, пак, одбојкарите на Јанта волеј со самата одлука вторпат да учествуваат во елитата кај нас, за разлика од лани, придонесоа да има еден натпревар повеќе во понудата во секое коло во сезоната 2020-21.

 

На барање на гостинскиот состав беше одложен мечот меѓу тимот на Џио Струмица, кој повторно е најсериозен кандидат за двојната круна и на Лирија, а ќе биде одигран во текот на оваа недела, пред второто коло предвидено за наредниот викенд кога ќе почне и Првата лига во женска конкуренција.

 

ОФМ и МРТ и во сезоната 2020-21 ќе соработуваат и ќе го продолжат одбојкарскиот понеделник со реализирање еден пренос од секое коло кај мажите или кај дамите. Денеска пред камерите на јавниот сервис ќе играат ГОК Борец и Универзитет во Тетово, а преносот ќе биде на МРТ-3 каналот од 17 часот и 55 минути.

 

Прва лига (мажи), 1.коло

ГОК Борец – Универзитет во Тетово (денеска, 18 часот, пренос на МРТ 3)

Штип УГД Штип – Вардар 0:3 (13:25, 19:25, 20:25)

Весна Пробиштип – Јанта волеј 3:0 (25:20, 25:12, 25:16)

Шкендија – Дибра волеј 3:0 (25:14, 25:10, 25:12)

Џио Струмица – Лирија (одложен)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *