Македонско одбојкарско првенство – Прва лига (мажи), 2.коло

 

Во очекување на главните пресметки за врвот, локално дерби во Тетово

 

Според прогнозите, три екипи би требало да ја играат главната улога во трката за врвот на табелата во најквалитетната македонска машка одбојкарска конкуренција, но со оглед на фактот што овој пат само четири ќе настапат во Втората фаза-1, посебно значење ќе добијат натпреварите на преостанатите кандидати за влез во елитното друштво. Таков карактер има локалното дерби меѓу Лирија и Шкендија затоа уште отсега е јасно дека тоа може да биде директен дуел за влез во најдобриот лигашлки квартет. Лирија загуби на гостувањето кај Џио Струмица на почетокот на сезоната, а Шкендија оствари триумф над Дибра волеј, така што двата тима забележаа очекувани резултати.

 

Со оглед на квалитетот, втора сезонска победа планира и Џио Струмица на гостувањето кај составот на Весна Пробиштип, којшто минатиот викенд во својата сала не загуби сет од Јанта волеј, што значи дека го оствари планот, па може растоварено да се претстави против апсолутниот фаворит. Повратникот во Првата лига, тимот од Кисела вода, пак, повторно ќе има тешка задача затоа што ќе сервира во меч со Вардар кој во претходното коло ја заврши работата во Штип.

 

Во саботната понуда влегува и средбата меѓу екипите што во минатите две сезони имаа најлош резултат – Дибра волеј и ГОК Борец. Велешани беа поуспешни во меѓусебните дуели, така што повторно се фаворити на теренот во Дебар Ако ја потврдат улогата, тогаш ќе се радуваат первпат сезонава имајќи предвид дека во понеделникот загубија во својата сала од Универзитет во Тетово.

 

За крај на второто коло, в понеделник од 18 часот со пренос на МРТ 3 каналот, Универзитет во Тетово ќе ги одмери силите со Штип УГД Штип. Тетовци, кои покрај Џио Струмица и Вардар важат за аспиранти за првото место во есенскиот дел, ќе играат за максимален биланс сезонава, а Штип УГД Штип ќе се обиде да даде посилен отпор и ќе се подготвува за предизвиците со екпите коишто поседуваат приближен квалитет. Ждрепката не им беше наклонета на штипјани кои во првото коло играа со Вардар, односно двапати по ред имаат ривал со највисоки амбиции во македонската одбојка сезонава.

 

Прва лига (мажи), 2.коло

Весна Пробиштип – Џио Струмица (сабота, 18.00)

Јанта волеј – Вардар (сабота, 20.00)

Лирија – Шкендија (сабота, 19.30)

Дибра волеј – ГОК Борец (сабота, 18.00)

Универзитет во Тетово – Штип УГД Штип (понеделник, 18.00, пренос на МРТ 3)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *