Две празнични средби и прво големо дерби сезонава во третото коло кај одбојкарите

 

Македонските одбојкари се подготвуваат за содржајното трето коло во Првата лига, во коешто покрај првото големо дерби сезонава, ќе има уште три натпревари со директно влијание на врвот на табелата во најквалитетната конкуренција. Џио Струмица е апсолутен фаворит во утрешното соочување со Јанта волеј, а доколку ја потврди улогата, тогаш ќе има голема можност да остане водечка екипа затоа што конкурентите ќе имаат потешка задача, па тешко е да се верува дека можат да остварат резултат со којшто ќе го надминат поен, или, пак, сет-количникот на последниот освојувач на двојната круна кај нас. Пред меѓусебната пресметка во „Кале“ в понеделник од којашто Македонската телевизија ќе емитува пренос на МРТ 3 каналот, Вардар и Универзитет во Тетово имаат максимален ефект, исто како и Џио Струмица, но со оглед дека во дербито е тешко некој да оствари целосна доминација, реално е да се очекува дека ривалите, барем засега, ќе загубат чекор во трката за водечкото место.

 

Дербито во Скопје е шанса за прогрес на Шкендија, која славеше на првите два сезонски натпревара, но за разлика од големата тројка, загуби еден сет, па во дуелот со Весна Пробиштип ќе влезе од четвртата позиција на табелата. Со евентуален поволен резултат, тетовци ќе направат уште еден значаен чекор во трката за првите четири позиции коишто овозможуваат пласман во елитниот натпреварувачки сегмент напролет, а тоа важи и за пробиштипјани кои имаат половичен биланс, но пред денешното гостување во Тетово значително го засилија составот со ангажманот на репрезентативецот Александар Милков.

 

Знаејќи дека претрпеа порази во претходните два меча, Штип УГД Штип и Дибра волеј во меѓусебната пресметка ќе играат за прв успех сезонава. Неуспешни настапи досега имаше и Лирија, која освои само еден сет, па гостувањето во Велес кај ГОК Борец за неа е исклучително важно доколку сака да остане во математиките за пласман во водечкиот квартет на крајот на есенскиот дел. Со евентуален триумф, пак, велешани ќе потврдат дека имаат поквалитетна екипа во споредба со претходните две сезони, а во зависност од другите резултати, можат да се надеваат дека ќе исчекорат од петтото место на коешто се наоѓаат во пресрет на трите натпреварувачки дена од третото коло во македонскиот одбојкарски шампионат.

 

Прва лига (мажи), 3.коло

Шкендија – Весна Пробиштип (денеска, 18.00)

Штип УГД Штип – Дибра волеј (денеска, 20.00)

Џио Струмица – Јанта волеј (сабота, 13.00)

ГОК Борец – Лирија (сабота, 18.30)

Вардар – Универзитет во Тетово (понеделник, 20.30, пренос на МРТ 3)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *