Ден за дерби со пренос на МРТ 3, вардарци и тетовци ќе играат за да го сочуваат максималниот ефект

 

Џио Струмица очекувано го задржа максималниот биланс, Шкендија исто така има “три од три“, но со еден загубен сет, а значајна победа во третото коло оствари и ГОК Борец, кој со два триумфа досега е во горната половина од табелата во Првата лига (мажи). Но најдоброто од оваа рунда допрва следува, а тоа е дербито меѓу Вардар и Универзитет во Тетово, денеска од 20 часот и 30 минути со пренс на МРТ 3 каналот. Полуфиналистите од последната целосно одиграна сезона во македонската одбојка ќе сервираат за да го одржат чекрот со струмичани и со тетовци. Вардар и Универзитет во Тетово на претходните два натпревара ги потврдија фаворитските улоги против објективно послаби противници, па за нив ова ќе биде прв посериозен испит сезонава. Лани, билансот од меѓусебните пресметки беше 1-1, а двата натпревара до прекинот поради коронакризата беа во Скопје. Есенскиот му припадна на Вардар, а пролетниот на Универзитет. Претходно, во сезоната 2018/2019-та, тетовци двапати го искористија домашниот терен, а црвено-црните славеа во Скопје, па откако почна ривалството на двете амбициозни екипи, на пет првенствени средби, Универзитет има три победи, а Вардар две. Ако се брои и полуфиналето од купот од пролетта 2019-та, вкупниот биланс е 5-2 за Универзитет. Во Скопје, пак, Вардар е чекор понапред во лигата со два успеха на три соочувања, но ефектот е рамноправен сметајќи го и куп-натпреварот од предминатата сезона.

 

Овие бројки посочуваат дека треба да биде максимално неизвесно во големата сала на СРЦ „Кале“, а доколку е така и на семафорот не пишува 3-0 на крајот за која било екипа со голема разлика во поените, Џио Струмица ќе го задржи водечкото место. Откако се радуваа со 3:0 против Јанта волеј на домашен терен, струмичани ја задржаа предноста пред Шкендија поради подобар сет-количник. Шкендија немаше проблеми против Весна Пробиштип во својата сала, но претходно загуби еден сет, така што засега е второпласирана, со што силно се наметна како најсериозен кандидат за место во водечкиот квартет и во главата фаза напролет. Математички во игра за влез во тој сегмент е и ГОК Борец, кој по неколку лоши сезони, тековната ја почна со два триумфа на три настапи, што е одличен ефект за велешани. Во саботата решение за нив немаше Лирија, која е во редот на три тима без победа досега. Покрај повратникот во првата лига, составот на Јанта волеј, во тоа друштво е и Дибра волеј, која во ова коло загуби кај Штип УГД-Штип без освоен сет. За Штипјани тоа беше прва сезонска победа со којашто за нијанса го надминаа локалниот ривал Весна Пробиштип поради подобар поен количник .

 

Прва лига (мажи), 3.коло

Шкендија – Весна Пробиштип 3:0 (25:20, 25:17, 25:5)


Штип УГД Штип – Дибра волеј 3:0 (25:15, 25:14, 25:11)


Џио Струмица – Јанта волеј 3:0 (25:16, 25:17, 25:18)


ГОК Борец – Лирија 3:1 (19:25, 25:20, 25:11, 25:16)


Вардар – Универзитет во Тетово (денеска, 20.30, пренос на МРТ 3)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *