Очекувано, убедлив пораз на Вардар од Калцит Камник

 

Одбојкарите на Вардар загубија од Калцит Камник со 3:0 (25:12, 25:15 и 25:17) во првиот натпревар од шеснаестинафиналето на Челенџ купот на ЦЕВ. Словенечкиот претставник ја потврди прогнозата дека е апсолутен фаворит во двомечот со црвено-црните, коишто решија и реваншот да го одиграат на теренот на противникот. Резултат доволно зборува за случувањата во „Спортската арена“ во Камник каде што деветтемина отпатувани вардарови играчи ќе имаат епизодна улога и во утрешниот натпревар од 20 часот, но барем ќе имаат можност уште еднаш да ги видат Гаспарини, Шталекар и другите перспективни одбојкари на Калцит, кој во осминафиналето ќе вкрсти со италијанската екипа Алианц пауерволеј од Милано.

 

Миха Брегар со 12 поени беше најдобар во овој статистички елемент вечерва, а коректорот на Вардар, Јовица Симовски, освои еден помалку, но јасно беше дека е единствениот играч во македонскиот тим којшто може да биде успешен во нападот. За разлика од скопската екипа, Космина со 8 и Брулец и Шталекар со по седум поени беа одлична поддршка за Брегар. Калцит имаше и значително подобар сервис, па Брулец забележа шест аса, а Космина и Мујановиќ по 2. Симовски од Вардар освои 3 поени од сервис, а Илиев 1. Покрај одличниот напад, Брегар беше и прв блокер со 3 поени, Пуриќ и Шталекар запишаа по 2, додека, пак, кај Вардар еден успешен блок имаше Шулајковски.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *