Вардарци на евросцената, пресметка со Калцит Камник

 

Поради заболени играчи од коронавирусот, наместо во првично одредениот термин на почетокот на месецов, одбојкарите на Вардар денеска и утре од 20 часот ќе му гостуваат на Калцит Камник во шеснаестинафиналето во Челенџ купот на ЦЕВ. Иако противникот е апсолутен фаворит во овој двомеч поради објективната разлика во квалитетот, а и поради фактот што македонскиот претставник се договори и реваншот да го игра на гостински терен, сепак, дуелите со Калцит Камник се добра шанса помладите вардарови одбојкари да ја почувствуваат евросцената. На спротивната страна на мрежата ќе бидат коректорот Митја Гаспарини, кој изгради импресивна интернационална кариера, а покрај него, во тимот е и словенечкиот репрезентативец Сашо Шталекар и уште неколкумина перспективни играчи. Тоа доволно зборува дека двете средби со Калцит Камник можат да бидат значајно искуство за Стојанов, Лепидовски, Шулајковски, Илиев и за другите млади вардарци. Ако одиграат против сите прогнози и направат спортско чудо, во осминафиналето ќе вкрстат со италијанската екипа Алианц пауерволеј од Милано.

 

Претходно, во истата фаза од истото натпреварување, Џио Струмица беше елиминирана од Омонија, а откако финскиот тим Хаменлина се откажа од настап поради здравствената ситуација, одбојкарките на Вардар административно обезбедија пласман во осминафиналетро во коешто ќе играат со Нитра од Словачка.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *