Во Скопје дуел на шампионите, а во Штип сервис за влез во друштво на фаворитите

 

Седмото коло во Првата лига (мажи) ја содржи пресметката меѓу екипите коишто се освојувачи на шампионски титули во нашата најсилна одбојкарска конкуренција, Вардар и Џио Струмица, но со оглед на значењето, натпреварот Штип УГД Штип – Шкендија се наметнува како дерби со идентично, дури и со поголемо значење за натамошниот тек на есенскиот и на пролетниот дел од сезоната. Струмичани во Скопје ќе допатуваат како првопласирани досега, со максимален ефект и со победа повеќе од Вардар, кој веќе загуби едно дерби од Универзитет во Тетово. Црвено-црните во текот на неделата имаа обврски во шеснаестинафиналето на Челенџ купот на ЦЕВ, па заморот на вардарци поради патувањето во Словенија на двата дуела во два дена со Калцит Камник може да и донесе лесна фаворитска улога на Џио Струмица иако ќе настапи на гостински терен.

 

Резултатот од средбата во малата сала на СРЦ „Кале“ може да го искористи Универзитет во Тетово и да го преземе врвот на табелата, секако доколку му одговара епилогот од мечот на конкурентите, а со претпоставка да ја заврши работата против Весна Пробиштип. Зелено-црните ги загубија шансите да бидат во водечкиот квартет, а квалитетот е целосно на страната на тетовци чијашто цел е да го одржат стопроцентниот биланс пред соочувањето со Џио Струмица за првото место по есенскиот прволигашки сегмент.

 

Најблиску до главните фаворити во лигата засега е Шкендија, но по поразот во својата сала од ГОК Борец, тетовци не се сигурни на четвртата позиција, напротив, за неа амбиции има и Штип УГД Штип. Оттука, ако нема изненадување од Јанта волеј во Велес, ГОК Борец ќе се радува на петтиот првенствен триумф, а со тоа може да напредува во пресрет на решавачките две кола, во коишто одлучувачко значење во трката на ова трио може да има и надмудрувањето меѓу штипјани и тетовци во наредната рунда од шампионатот. Досега без победа се Лирија и Дибра волеј, а имајќи предвид дека утре ќе играат во Дебар, некој првпат сезонава ќе се најде на славеничка страна.

 

Поради значењето на натпреварот меѓу Штип УГД Штип и Шкендија во битката за четвртото место, а со тоа и за пласман во Втората фаза – 1 напролет, во рамки на проектот „одбојкарски понеделник“, Македонската телевизија ќе реализира пренос од салата „Јордан Мијалков“ со почеток во 18 часот.

 

Прва лига (мажи), 7.коло

Вардар – Џио Струмица (сабота, 12.00)


Универзитет во Тетово – Весна Пробиштип (сабота, 19.00)


ГОК Борец – Јанта волеј (сабота, 19.00)


Дибра волеј – Лирија (сабота, 17.00)


Штип УГД Штип – Шкендија (понеделник, 18.00, пренос МРТ 3)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *