Владо Милев: „Треба да го поправиме секој елемент и мислам дека можеме да го сториме тоа“

 

Иако не играа на посакуваното ниво, македонските одбојкари го минаа првиот чекор на патот кон Европското првенство во септември. Ја совладаа Босна и Херцеговина, освоија предвидени три бода, а непредвидено загубија еден сет. Тоа е минат прв чекор, но за повторно да се најдат во континенталната елита, потребно е да бидат многу подобри против првиот фаворит Турција и да остварат што подобар биланс во случај да ја завршат квалификациската груопа на второто место.

 

„Лесен е одговорот на прашањето што треба да поправиме во нашата игра. Треба да поправиме се, да бидеме многу подобри во секој елемент. Да се браниме подобро, да го организираме нападот за посигурни позиции и да бидеме поефикасни во реализацијата. Долго сум во репрезентацијата и мислам дека можеме да го направиме тоа“, вели примачот на македонскиот тим Владо Милев, кој против Босна и Херцеговина одигра добар натпревар со 13 поени (12 од напад и еден блок).

 

Македонските одбојкари денеска одмораат и ќе го гледаат дуелот на нашиот утрешен противник Турција против Босна и Херцеговина. Тоа ќе биде добра можност да се анализираат капацитетите на составот на селекторот Недим Озбеј без оглед што денешните тренинзи ние треба да ги искористиме и за корекција на нашата игра. Турција во Скопје допатува со целиот расположлив потенцијал, но во пресрет на турнирот во арената „Борис Трајковски“ не одиграа пријателски натпревар, така што денешното соочување со Босна и Херцеговина за нив ќе биде прв меч по осминафиналето на Европското првенство 2019. Тогаш ја минаа группата во Љубљана во којашто беа и нашите одбојкари, а потоа загубија од Италија и завршија на 12.место.

 

Преносот од натпреварот Босна и Херцеговина – Турција е на МТВ-1 и на МТВ-3 од 17 часот и 30 минути.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *