Турција доминираше против Босна и Херцеговина и лесно победи со 3:0

 

Фаворитот го потврди статусот и без поголеми проблеми ја забележа првата победа на скопскиот квалификациски турнир за пласман на Европското првенство во септември годинава. Турците славеа со 3:0 (25:15, 25:17, 25:18) со доминантна игра во сите елементи. Го имаа расположениот примач Субаши кој не играше на претходниот континентален собир, а вечерва во арената „Борис Трајковски“ беше најдобар поентер, најдобар напаѓач, најдобар сервер и најдобар примач, така што нема дилеми дека беше прв играч на мечот. Со неговата мотивација коректорот Адис Лагумџија не мораше премногу да форсира, па заврши со 13 поени

 

„Денеска одигравме како што треба, освен што направивме многу грешки на сервис. Се друго беше во ред и задоволен сум од оваа победа. Се надевам дека утре ќе го поправиме сервисот и дека ќе се пласираме на ЕП затоа што имаме големи планови“, рече Лагумџија, коректорот на италијански Милано. Субаши освои 19 поени, а 12 беа за Ѓулмезоглу. Босна и Херцеговина не можеше да парира на прием, ниту, пак, да организира напад, така што Ади Османовиќ, кој против нас вчера заврши со 22 поена, денеска имаше скромни осум.

 

Македонските одбојкари денеска го следеа натпреварот на ривалите и го анализираа утрешниот – Турција, од која загубивме на претходниот евро-собир со 3:0. Без оглед што објективно Турците се фаворити, натпреварот со нив е наша шанса за да се доближиме до престижното друштво.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *