Натпревар за голем чекор кон ЕП, македонските одбојкари денеска против Турција (МТВ-1 и МТВ-3 од 17.30)

 

Ден за дерби на скопскиот квалификациски турнир за пласман на Европското првенство во септевмри. Македонските одбојкари ќе играат против првиот фаворит Турција во дуелот на двата непоразени национални тима коишто досега го исполнија планот со победа над Босна и Херцеговна. За нас ова ќе биде натпревар на сеќавања на триумфите во групната фаза на Европската лига во 2014-та, но и на поразот на последниот континентален самит во Љубљана, кога Турците славеа во три сета.

 

Тренерите и играчите се познаваат одлично, така што тактичките изненадувања се малку веројатни иако не се исклучени. Тогаш, што би можело да реши? Можеби мотивацијата. Македонската репрезентација беше на чекор во осминафиналето на евро-собирот, но Турција освои само два сета против Финска, потоа загуби, па црвено-жолтите не отпатуваа за историски натпревар со Франција во Нант. Без оглед на тоа, 17-тото место во дебитантскиот настап имаше историска димензија и создаде доза притисок дека европските шампионати треба да бидат постојана дестинација за македонските одбојкари. Турците отидоа чекор подалеку, но претрпеа пораз од Италија и завршија 12-ти во конечното рангирање.

 

„Турција е силен тим, има голем потенцијал, но мислам дека не е непобедлива. Ако ние одиграме многу подобро отколку против Босна и Херцеговина, тогаш може да сметаме дека ќе му парираме на фаворитот. Посакувам да почнеме добро, тогаш ќе имаме стабилност и ќе носиме правилни одлуки на теренот“, “, вели македонскиот капитен Никола Ѓорѓиев, кој беше дел од репрезентацијата и во триумфалните изданија против Турција во истата арена на 21-ти и на 22-ви јуни 2014. Два меча завршија со победи за нас (3-0 и 3-1).

 

Првата ѕвезда на турскиот тим, коректорот Адис Лагумџија, тогаш беше тинејџер и не играше во националниот дрес, но на 13.септември 2019-та, во „Стожице“ во Љубљана освои 19 поени против македонскиот тим.

 

„Ние почнавме добро против Босна и Херцеговина. Треба да направиме само една корекција, а тоа е сервисот. Вчера многу грешевме, а доколку го подобриме тој елемент, мислам дека ќе ја забележиме втората победа на турнирот“, убеден е Лагумџија. Отука, клучот за наш успех денеска ќе биде да играме одлична одбрана против него, да ги запреме сервисите на примачот Субаши, кој не беше дел од турската селекција на последното Европско првенство, како и да го нападнеме нивниот прием за да дадеме шанса на нашиот блок. Со еден збор, треба да функционираат сите елементи.

 

Можеби звучи компликувано, но е можно! Секој поен, сет, бод и конечно победа ќе значат голем чекор кон крајната цел. Затоа веруваме и навиваме! Напред Македонија!

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *