Составен дел на фрекфентниот одбојкарски февруари се и четвртфиналните натпрервари од купот. Во претходната рунда немаше изненадувања, а и во фазата на најдобрите осум во двете конкуренции не се очекуваат големи резултатски потреси. Најголема незивесност кај дамите, а и воопшто, би можел да понуди двомечот меѓу поранешниот куп-финалист Наковски волеј и поранешниот македонски шампион Јанта волеј Кисела вода. Според досегашните настапи во првенството, скопскиот состав важи за фаворит затоа што има осум, наспроти четири победи на ривалот.
Во другите соочувања јасна е дистинкцијата на квалитативна основа којашто досега беше потврдена преку натпреварите во првенството. Вардар жени 2019, кој нема пораз сезонава, денеска ќе гостува кај Универзитет во Тетово, додека, пак, последниот освојувач на пехарот, Работнички Скопје, ќе истрча на теренот на Пелистер волеј. Четвртопласираниот тим во лигата, Струмица жени, прашањето за пласман во полуфиналето ќе се обиде да го реши уште на денешниот дуел кај Јанта волеј Форца.
Со оглед на правилата во ждрепката за одредување на двојките, дерби-натпревар нема ниту во машкото четвртфинале. Најуспешната екипа во последната деценија кај нас, Џио Струмица, во првиот натпревар од оваа етапа ќе игра со Лирија на гости, но каков и да биде резултатот, за формално потврден пласман ќе се чека на реваншот во салата „Парк“. Тоа не е случај со двомечот меѓу Весна Пробиштип и Универзитет во Тетово, затоа што екипите се договорија двата натпревара да ги одиграат во Пробиштип, па поуспешниот уште денеска ќе го потврди учеството во полуфиналето. Знаејќи го односот на силите, во него би требало да бидат и Вардар, кој в сабота ќе патува за пресметка со Штип УГД Штип, а најголема неизвесност ќе понуди одмерувањето на силите меѓу Шкендија и ГОК Борец. Велешани го совладаа противникот во лигата на гости со 3:0, успеаја да обезбедат влез во елитниот сегмент, па Шкендија ќе биде мотивирана да го возврати ударот и да обезбеди активен резултат за реваншот во Велес.
Македонски одбојкарски куп (1/4-финале-жени, први натпревари)
Универзитет во Тетово – Вардар жени 2019 (денеска, 18.00)
Наковски волеј – Јанта волеј Кисела вода (денеска, 18.00)
Пелистер волеј – Работнички Скопје (денеска, 18.30)
Јанта волеј Форца – Струмица жени (утре, 20.00)
Македонски одбојкарски куп (1/8-финале-мажи, први натпревари)
Лирија – Џио Струмица (денеска, 19.30)
Весна Пробиштип – Универзитет во Тетово (денеска, 18.30)
Универзитет во Тетово – Весна Пробиштип (денеска, 20.30)
Шкендија – ГОК Борец (денеска, 20.00)
Штип УГД Штип – Вардар (сабота)