Одбојкарите на Универзитет во Тетово се први полуфиналисти во купот

 

Шкендија и ГОК Борец го одиграа најнеизвесниот натпревар, Наковски волеј оствари убедлива победа над второпласираниот сосотав во првенството, а другите резултати беа според очекувањата во првата половина од четвртфиналето на македонскиот одбојкарски куп. Машкиот тим на Универзитет во Тетово веќе обезбеди пласман меѓу четирите најдобри откако двапати го совлада тимот на Весна Пробиштип без да загуби сет. Според меѓусебниот договор, двата меча беа одиграни во ист ден на теренот на пробиштипјани, па тетовци експресно ја завршија работата. Џио Струмица оствари гостинска победа со 3:0 кај Лирија, но влезот во полуфиналето треба да го потврди во реваншот за седум дена пред своја публика, а интересно ќе биде во Велес на дуелот меѓу ГОК Борец и Шкендија. Во првото четвртфинално соочување, Шкендија славеше со 3:2 на домашен терен, но резултатот покажува дека велешани можат да се надеваат дека ќе бидат во елитниот квартет, како што го стоија тоа и во Првата лига.

 

Кај дамите, сите досега одиграни три натпревари од четвртфиналето завршија во три сета. Водечката екипа во шампионатот, Вардар жени 2019, славеше кај Универзитет во Тетово, а третопласираниот Работнички Скопје ја потврди фаворитската улога во Битола против Пелистер волеј. Наковски волеј, пак, со ист резултат го доби одмерувањето на силите со Јанта волеј Кисела вода, по што на реваншот во Скопје, на второпласираниот тим во првенството му е потребна победа во три сета доколку сака да се избори за решавачки „златен сет“ до 15 поени за учество во полуфиналето. За да се најдат во него, на струмичките одбојкарки ќе им биде потребен само еден сет на гостувањето во Кисела вода. Првиот чин од четвртфиналниот двомеч екипите на Јанта волеј Форца и на Струмица жени ќе го одиграат денеска во Скопје, а во машка конкуренција, Штип УГД Штип и Вардар се договорија да го закажат воведниот меѓусебен натпревар в сабота.

 

Македонски одбојкарски куп (1/4-финале-жени, први натпревари)

Универзитет во Тетово – Вардар жени 2019 0:3 (19:25, 15:25, 12:25)
Наковски волеј – Јанта волеј Кисела вода 3:0 (25:23, 25:19, 26:16)
Пелистер волеј – Работнички Скопје 0:3 (13:25, 19:25, 19:25)
Јанта волеј Форца – Струмица жени (денеска, 20.00)

 

Македонски одбојкарски куп (1/8-финале-мажи, први натпревари)

Лирија – Џио Струмица 0:3 (16:25, 14:25, 17:25)
Весна Пробиштип – Универзитет во Тетово 0:3 (18:25, 12:25, 12:25)
Универзитет во Тетово – Весна Пробиштип 3:0 (25:7, 25:17, 25:15)
Шкендија – ГОК Борец 3:2 (17:25, 25:21, 25:18, 24:26, 15:9)
Штип УГД Штип – Вардар (сабота)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *