Незапирливите струмичани пред вардаров тест, Лирија стои на патот на Шкендија

 

Одбојкаркиот февруари речиси секојдневно е исполнет со клупски натпревари, а претстојниот викенд во машка конкуренција е предвиден за третото коло во Втората фаза во чијшто елитен сегмент Џио Струмица ќе му гостува на Вардар во дербито на оваа првенствена рунда. Водечкиот тим на табелата досега не згреши ниту еднаш, а откако ја доби пресметката со Универзитет во Тетово, има сигурна предност пред ривалите во трката за подобра почетна позиција во полуфиналето од разигрувањето. Вардар славеше во Велес на отворањето на пролетниот дел од сезоната и со оглед на поразот на тетовци напредуваше на второто место на табелата. Црвено-црните имаат девет победи, една повеќе од Универзитет, а две помалку од Џио Струмица. Токму затоа, со успех в понеделник во Скопје пред камерите на МРТ, струмичани уште повеќе ќе се приближат кон првата позиција во лигашката етапа иако до нејзиниот крај има уште многу, односно вкупно девет натпревари не сметајќи го третото коло. Во него Универзитет во Тетово е апсолутен фаворит на домашен терен против ГОК Борец кој влезе во најдобриот квартет, а натпреварот со третопласираната екипа ќе го искористи за подготовка за реваншот од четвртфиналето на купот против Шкендија. Велешани имаат реална шанса да се најдат во полуфиналето и во ова натпреварување затоа што на првиот меч на туѓ терен загубија со 3:2.

 

Шкендија е на чело на Втората фаза-2, со два триумфа повеќе од Лирија, па и за неа може да се каже дека поголемо внимание во овој период ќе посвети на целта да го обезбеди полуфиналето на купот отколку на трката за освојување на петтото место во конечното рангирање. Но локалните соочувања секогаш се предизвикувачки за спортистите, па се очекува интересна битка меѓу Шкендија и Лирија. Составот од Жеровјане има пет победи, исто како и Штип УГД Штип, но се наоѓа место погоре поради подобар сет-количник, а со оглед дека нема простор да мине во двомечот од купот со Џио Струмица, може целосно да се насочи на утрешната лигашка средба со Шкендија, особено што пред штипјани е лесна задача во ова коло. Во нивната двојна саботна програма, најпрво ќе играат со Дибра волеј за да го запишат шестиот триумф во шампионатот, а потоа ќе сервираат против Вардар, исто така во својата сала, во првиот меѓусебен дуел од четвртфиналето на купот.

 

Весна Пробиштип ќе го пречека тимот на Јанта волеј со надеж дека ќе направи клучна предност во однос на двете најслаби екипи досега. Одбојкарите на Јанта волеј се претпоследни, а со успех против зелено-црните ќе се доближат на една победа до нив, во спротивно, до крајот на сезоната ќе ја имаат задачата да останат пред Дибра волеј и да ја завршат сезоната на деветтата позиција.

 

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (3.коло)
Универзитет во Тетово – ГОК Борец (сабота, 20.00)
Вардар – Џио Струмица (понеделник, 18.00, пренос на МРТ-3)

Прва лига (мажи), Втора фаза-2, (3.коло)
Лирија – Шкендија (сабота, 19.00)
Штип УГД Штип – Дибра волеј (сабота, 16.00)
Весна Пробиштип – Јанта волеј (сабота, 13.30)

Македонски одбојкарски куп, четвртфинале (прв натпревар)
Штип УГД Штип – Вардар (сабота, 19.00)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *