Струмичко-скопските пресметки го кројат врвот на табелата кај дамите

 

Четвртфиналните натпревари од купот завршија со очекувани резултати, а изненадување немаше ниту на двомечот меѓу Наковски волеј и Јанта волеј Кисела вода, па скопскиот тим во реваншот успеа да ја надополни негативата од 3-0 од струмичкиот натпревар, со што најдобрите четири екипи во Првата лига најавија завршна трка и за куп-пехарот. Досегашните резултати во првенството оставаат мала надеж за Наковски волеј дека може да влезе во водечкиот квартет, но за да го стори тоа, потребно е да слави над Вардар жени 2019 во утрешниот дуел од петтото коло во Втората фаза-1. Со две победи негатива зад Работнички Скопје и зад Струмица жени, одбојкарките на Наковски волеј се пред резултатски императив против вардарки коишто минатиот викенд го претрпеа првиот сезонски пораз, но го задржаа лидерското место на табелата. Јанта волеј Кисела вода е второпласиран затоа што има два бода помалку, но идентично како и црвено-црните, во ова коло ќе гостува во Струмица со намера вторпат да слави над составот на Струмица жени, а со евентуален кикс на Вардар, да го преземе прволигашкиот врв. Работнички Скопје претрпе два пораза по ред, па за да не го загуби темпото во обидот да оствари што подобра почетна позиција за разигрувањето, треба да се врати на победнички патеки во средбата со Универзитет во Тетово којшто застана на четири триумфи и според сите показатели, не може да конкурира за пласман во елиминацискиот дел.

 

И во Втората фаза-2 ќе има неколку привлечни натпревари. Дебитантот Фит фан волеј ќе му гостува на Виктори волеј со амбиција да ја продолжи серијата на пет победи, а доколку се случи тоа, струмичанки ќе го забележат четвртиот пораз едноподруго. Јанта волеј Форца е фаворит против Бами Кор, а доколку ја потврди улогата, тогаш ќе го впише седмиот сезонски успех и со оглед дека неговите најблиски ривали Ускана и Пелистер волеј ќе играат во Кичево, може да се надева дека ќе создаде предност од три победи во однос на поразениот тим од тоа соочување. Во Штип, во средбата со Македонија Макс, УГД Студент ќе ја брани петтата позиција во овој натпреварувачки сегмент. Струмичката екипа во средата ја совлада Ускана и доколку првпат сезонава се радува двапати по ред, ќе го остави зад себе утрешниот противник.

 

Прва лига (жени), Втора фаза -1, (5.коло)

Наковски волеј – Вардар жени 2019 (сабота, 16.00)
Работнички Скопје – Универзитет во Тетово (сабота, 18.00)
Струмица жени – Јанта волеј Кисела вода (понеделник, 18.00, МРТ-3)

Прва лига (жени), Втора фаза -2, (5.коло)

Виктори волеј – Фит фан волеј (сабота, 16.00)
Јанта волеј Форца – Бами Кор (сабота, 13.00)
Ускана – Пелистер волеј (сабота, 16.00)
УГД Студент – Македонија Макс (сабота, 15.00)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *