Саботното дерби меѓу Струмица жени и Вардар жени 2019 бeше одложено, па најголемо внимание во деветтото, претпоследно, коло од Втората фаза во најсилната македонска женска одбојкарска конкуренција привлекува деншната пресметка на Работнички Скопје со Јанта волеј Кисела вода. И овој натпревар е со префиксот дерби затоа што пред камерите на МРТ-3 од 17 часот и 55 минути ќе играат четвртопласираната и втората екипа во Првата лига. Освојувачките на двојната круна од 2019 досега забележаа десет победи на 14 настапи, а тимот од Кисела вода има биланс 12-2, па со триумф ќе го преземе врвот на табелата од вардарки, коишто се водечки поради поголем број освоени бодови. Работнички Скопје со победа или со два освоени сета ќе ја потисне Струмица жени од третата позиција, со напомена дека струмичанки и Вардар ќе имаат натпревар помалку. Во малата сала на арената „Борис Трајковски“ се очекува неизвесен дуел во којшто победничките ќе добијат самодоверба пред завршниот турнир од купот од петок до недела во Струмица.
На него нема да настапат Наковски волеј и Универзитет во Тетово, а без нив ќе мине и полуфиналето од лигашкото разигрување затоа што во поквалитетниот натпреварувачки сегмент немаа доволно сили да им парираат на најдобрите четири. Нивното меѓусебно соочување во оваа рунда им припадна на одбојкарките на Наковски коишто славеа со 3:1 и го запишаа шестиот триумф сезонава. Универзитет во Тетово има биланс 4-11.
Во Втората фаза-2, немаше поместување на водечките две екипи. Фит фан волеј се радуваше над Пелистер волеј со 3:0 што значи дека во наредното коло ќе влезе со 12 успеси на 15 натпревари сезонава. Јанта волеј Форца го одржа чекорот откако беше поуспешна од Македонија Макс со 3:2, со што им се одлепи на битолчанки за три победи, а остана на негатива од една победа зад Фит фан волеј. Во ова друштво четврта е Ускана која на свој терен го совлада Бами Кор со 3:2, а УГД Студент беше поуспешен од Виктори волеј во Струмица со 3:0. Штипјанки ја забележаа четвртата победа и му се одлепија на ривалот којшто е претпоследен.
Прва лига (жени), Втора фаза -1, (9.коло)
Струмица жени – Вардар жени 2019 (одложен)
Наковски волеј – Универзитет во Тетово 3:1 (25:21, 25:19, 22:25, 25:13)
Работнички Скопје – Јанта волеј КВ (денеска, 17.55, МРТ-3)
Прва лига (жени), Втора фаза -2, (9.коло)
Фит фан волеј – Пелистер волеј 3:0 (25:18, 25:13, 25:19)
Јанта волеј Форца – Македонија Макс 3:2 (20:25, 25:20, 22:25, 25:17, 15:11)
Ускана – Бами Кор 3:2 (25:18, 13:25, 25.23, 20:25, 15:9)
Виктори волеј – УГД Студент 0:3 (19:25, 17:25, 20:25)