Ждрепка за завршниот турнир во македонскиот одбојкарски куп, осум желби – два пехара

 

Од петок до недела во салата „Парк“ во Струмица ќе биде одржан завршниот турнир во македонскиот одбојкарски куп. Најдобрите четири екипи во машка и во женска конкуренција ќе се надигруваат за престижниот пехар пред камерите на Македонската радиотелевизија, а денешната ждрепка одреди полуфинале кај одбојкарите во коешто пресметка на фаворитите за трофејот е можна само во финалниот натпревар. Најдобриот тим кај нас во последната деценија, Џио Струмица, ќе игра со третопласираниот состав во Првата лига, Вардар, а Универзитет во Тетово, којшто е на второто место во првенството, за противник го доби локалниот ривал Шкендија. Според квалитетот, како и според досегашните резултати, очекувано финале е Џио Струмица – Универзитет во Тетово, затоа што овие две екипи ги добија сите сезонски мечеви со конкурентите во полуфиналето на купот.

 

Кај дамите во најава се многу поинтересни пресметки. Влез во полуфиналето обезбеди водечкиот квартет во шампионатот, Вардар жени 2019 ќе сервира против Работнички Скопје, а Струмица жени ќе оди на терен против водечката екипа во лигата Јанта волеј Кисела вода. Вардарки и освојувачките на двојната круна од пред две години, одбојкарките на Работнички Скопје, поделија по една победа на двата сезонски лигашки натпревара, а Јанта волеј Кисела вода славеше двапати против Струмица жени, во двата случаја на гостински терен, но за да направи уште еден чекор кон куп-пехарот, треба да оствари хет-трик во меѓусебните соочувања. Струмичанки, се разбира, имаат поинакви амбиции.

 

Како и да е, за очекување е да има многу возбудувања и неизвесни натпревари. Македонската радиотелевизија како медиумски партнер на ОФМ, на каналот МРТ-3 ќе ги пренесува сите шест средби од завршниот турнир.

 

Македонски одбојкарски куп – мажи (полуфинале)

Универзитет во Тетово – Шкендија (петок, 16.00) – МРТ 3
Џио Струмица – Вардар (петок, 19.00) – МРТ 3

Македонски одбојкарски куп – жени (полуфинале)

Вардар жени 2019 – Работнички Скопје (сабота, 16.00) – МРТ 3
Струмица жени – ЈВ Кисела вода (сабота, 19.00) – МРТ 3

Македонски одбојкарски куп

Финале жени (недела, 15.00) – МРТ 3
Финале мажи (недела, 18.00) – МРТ 3

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *