Со оглед дека во Втората фаза-2 од најквалитетната женска одбојкарска конкуренција кај нас се предвидени 14 кола, четири повеќе од елитниот сегмент, во овој натпреварувачки дел ќе има два вонредни термина, а првиот е денеска и в сабота за кога се закажани средбите од 10.рунда. Водечкиот тим, Фит фан волеј, ќе гостува кај последнопласираниот Бами Кор, а доколку ја потврди фаворитската улога, тогаш ќе ја забележи вкупно 13.победа сезонава. Тетовки немаат ниту една, досега ги загубија сите пресметки, па нивните шанси против дебитантот во лигата изгледаат минимални.
Во Штип, УГД Студент ќе ја пречека Ускана со амбиција да дојде до петтиот триумф, а со тоа и да ја потисне Македонија Макс од петтото место во ова друштво. Ускана е четврта со шест успеси, па без разлика како ќе заврши денешниот натпревар, барем засега, не може да ја менува позицијата на табелата. Тоа важи и за третопласираниот Пелистер волеј, кој в сабота ќе сервира против втората екипа во оваа конкуренција, Јанта волеј Форца, а во струмичкото соочување Македонија Макс се надева на петта, а Виктори волеј на четврта сезонска победа.
Прва лига (жени), Втора фаза -2, (10.коло)
Бами Кор – Фит фан волеј (денеска, 19.00)
УГД Студент – Ускана (денеска, 15.00)
Пелистер волеј – Јанта волеј Форца (сабота, 15.00)
Македонија Макс – Виктори волеј (сабота, 13.00)