Два лигашки натпревара како подготовка за завршниот турнир во купот

 

Со оглед дека Втората фаза-1 во најсилната македонска машка одбојкарска конкуренција сезонава се игра според четирикружен систем, екипите од најдобриот квартет ќе играат во два вонредни термина заради навремен крај на Првата лига. Денеска водечкиот состав на Џио Струмица ќе му гостува на Вардар со цел да се врати на победнички патеки откако го загуби претходниот меч со Универзитет во Тетово. Сепак, првиот пораз во 17.настап не влијаеше на пласманот на последниот освојувач на двојната круна којшто има позитива од три победи во однос на најблискиот ривал.

 

Со успехот во салата „Парк“, Универзитет во Тетово речиси го реши прашањето за второто место, а тоа дефинитивно може да го направи денеска со евентуален и очекуван триумф над ГОК Борец. Велешани го совладаа Вардар во саботата, првпат се израдуваа во Втората фаза-1, но сезонава не освоија ниту сет во три пресметки со тетовци, така што е јасно кој е носител на фаворитската улога. Без никави дилеми тоа може да се каже и за Џио Струмица против Вардар, кој е во лоша форма со пет порази на последните шест средби и со само еден освоен сет на три соочувања со струмичани во тековното првенство.

 

Оттука, денешните натпревари од 9.коло може да се толкуваат и како подготовка за Џио Струмица и за Универзитет во Тетово за нивната битка на завршниот турнир за куп-пехарот од петок до недела во салата „Парк“ во Струмица. На него ќе учествуваат и Вардар и Шкендија, но со мали шанси да направат изненадување во полуфиналените натпревари. Скопските црвено-црни ќе ја предизвикаат Џио Струмица, што значи дека нивниот денешен лигашки дуел ќе биде најава за куп-пресеметката за два дена, а Шкендија ќе се сретне со Универзитет во Тетово.

 

Прва лига (мажи), Втора фаза-1, (9.коло)

Универзитет во Тетово – ГОК Борец (денеска, 17.00)
Вардар – Џио Струмица (денеска, 17.00)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *