Квалитетот на екипите и нивните досегашни резултати лесно ги одредуваат улогите на учесниците во денешните полуфинални натпревари на завршниот турнир на македонскиот одбојкарски куп. Џио Струмица е фаворит против Вардар, а Универзитет во Тетово против Шкендија, но спецификата на куп-натпреварувањето е во тоа што изненадувањата се негов составен дел. Оттука, без оглед на околностите, скопските и тетовските црвено-црни не се отпишани, особено што тоа се екипи коишто имаа можност да го почувствуваат задоволството од освојувањето на престижниот пехар.
Во првото машко полуфинале во салата „Парк“, второпласираниот тим во првенството, Универзитет во Тетово ќе се сервира против Шкендија која не успеа да влезе меѓу четирите најдобри во Првата лига, но го мина ГОК Борец и ја заработи привилегијата да биде во елитниот квартет во купот. Универзтет оствари 14 победи во шампионатот, противникот 11, но шест од нив беа против екипите во понеквалитетниот натпреварувачки сегмент. Универзитет е во серија од четири лигашки триумфи, Шкендија ги загуби последните два, а не можеше да му парира на локалниот ривал ниту во единствениот меѓусебен дуел сезонава. Во последното коло есеноска, Универзитет во Тетово победи со 3:1, така што и овој параметар е на негова страна. Единствена предност за Шкендија во споредбата може да биде реномето, затоа што Универзитет има едно финале досега, а црвено-црните две. Шкендија го освои куп-пехарот во 2011 совладувајќи го Борец Брако во Скопје со 3:1, а следната сезона повторно беше актер на завршниот натпревар, но не успеа против Џио Струмица.
Од тоа финале досега минаа седум, а во нив неприкосновен беше токму составот на Џио Струмица со пет титули, односно вкупно шест во претходните осум години. Не само поради тој факт, туку и поради објективниот квалитет, за очекување е последниот освојувач на двојната круна кај нас да ја заврши работата и во денешното полуфинале против Вардар, кој, пак, е една од двете екипи коишто успеаја да ја прекинат серијата на струмичани. Црвено-црните го кренаа куп-пехарот во 2013 со триумф во финалето во Тетово над тимот на Лирија. Знаејќи дека вардарци се трети во првенството, а ги загубија сите четири меѓусебни средби на коишто заработија само еден сет, Џио Струмица важи за фаворит не само на овој меч, туку и на целиот завршен куп-турнир во салата „Парк“. Амбицијата на репрезентативниот состав на струмичани е седмипат да слават во купот во последните девет години, а доколку успејат, тоа ќе биде четвртипат по ред не сметајќи ја минатата година кога сезоната не заврши поради пандемијата.
Полуфиналето меѓу Универзитет во Тетово и Шкендија ќе почне во 16, а второто меѓу Џио Струмица и Вардар од 19 часот. Утре, во истите термини во женска конкуренција, Вардар жени 2019 ќе се сретне со Работнички Скопје, а Струмица жени со Јанта волеј Кисела вода. Финалните натпревари се закажани за в недела од 15 и од 18 часот. Преносите од сите шест куп-пресметки ќе бидат емитувани на МРТ-3.