Полуфиналните натпревари во машка конкуренција на 28.македонски одбојкарски куп минаа очекувано, со доминација на фаворитите за освојување на пехарот. В недела од 18 часот во салата „Парк“ ќе играат Џио Струмица и Универзитет во Тетово, што значи дека годинашното финале ќе биде реприза на завршниот меч од 2019.
Второпласираниот тим во првенството, Универзитет во Тетово, доминираше во локалната пресметка со Шкендија и славеше со 3:0 (25:14, 25:17 и 26:16). Фаворитот постојано го контролираше резултатот, а освојувачот на купот во 2011, тимот на Шкендија, беше рамноправна само на почетокот на третиот сет. Интернационалците Адриатик Бериша и Стефан Мирковиќ освоија 15, односно 14 поени, а двоцифрен кај Универзитет беше и Јовица Симовски со 10 поени. Со оглед на отсуството на Ѓорѓески и на Шулајкоски, среден блокер играше Дејан Симовски, кој средбата ја заврши со 7 поени. Стојанов имаше четири аса, а второто куп-финале во клупската историја со по два поена придонесоа Клопчевски и Стошиќ. Кај носителот на двојната круна во 2011 во македонската одбојка, Шкендија, по шест поени запишаа Абази, Илир Вела и Ветон Бафтијари.
На идентичен начин мина и второто полуфинале меѓу Џио Струмица и Вардар. Скопските црвено-црни петтипат сезонава не успеаја да му парираат на водечкиот состав во шампионатот којшто го доби натпреварот со 25:14, 25:17 и 26:16. На тој начин, струмичани се финалисти седмипат во последните девет сезони, сметајќи ја и тековната. Урдов заврши со 13, Милев со 11, Николов и Савовски по 10, Костиќ 8, а Ричлиев и Михаилов по 3 поени. Кај Вардар, најефикасен беше Димкоски со 10, а Топалов и Чапел помогнаа со по 5. Црвено-црните се третопласирани во лигата, двапати беа шампиони, а му се израдуваа на купот во 2013, но овој пак не можеа да се надеваат на пласман во финалето. Седумкратниот првак Џио Струмица в недела има амбиции да слави во купот четвртипат по ред.
Утрешниот ден на завршниот турнир е резервиран за женските полуфинални натпревари. Од 16 часот Вардар жени 2019 ќе сервира против Работнички Скопје, а потоа Струмица жени ќе се соочи со Јанта волеј Кисела вода. Двата меча, како и финалните пресметки в сабота, ќе бидат емитувани директно на МРТ-3 каналот.